Благоја Ристески. Лепа Ангелина ЛИЦА: ЛЕПА АНГЕЛИНА БОЛЕН ДОЈЧИН СВЕТА НЕДЕЛА ЖОЛТА ЕВРЕИНА МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА ЕЗАКИЈ ЈОВАН АНГЕЛ ИРИНА СИМЕОН ЛАКАПИН I СТАРИЦА III СТАРИЦИ РОМАН МИСТИК I ЗАПОВЕДНИК II ЗАПОВЕДНИК I СТРАЖАР II СТРАЖАР ЛИБИЕЦОТ ВОЈНИЦИ И МОНАСИ ПРВА СЦЕНА Внатрешноста на црквата „Света Недела“ во Солун. Црквата е раскошно украсена. Сé е во позлата. На предметите: шанданите, полилеите, иконостасите, длаборезите се нафатил дебел слој прашина и пајажина. Владее некаква, жолтеникава полутемнина. Со страшен тресок се отвора влезната врата. Од провевот се крева облак прашина. Влегуваат Болен Дојчин, Павле Плетикоса, Митре Поморјанче и Жолта Евреина. Застануваат на средина, гледаат и молчат. БОЛЕН ДОЈЧИН: (Изгледа импозантно: со долга коса и кожен калпак на главата. На левото бедро носи сабја дипленица, на десното сјаен кинжал. Облечен е во панцирана кошула) Како што кажа Ефтимиј, пророкот кутмичевички, негде долу, под белава мрамора, скрито лежи знамењето Перуново. Копјето негово, веда недодржима и штитот негов, пред наезди непопустив. Барајте. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Дали треба Дојчине, дали мора? БОЛЕН ДОЈЧИН: Се гласи шепот под бедемине солунски, тивка шепот, дробна песок и навева во школките ушни. Зар не слушаш Жолта Евреина, моја кршна побратима: од другана страна, зад морено мраморно, либиската војска ни се спрема. Ми ружаат со оружје сто кедрови галии на три ката, сто гемии од абонос со три реда весла, сто бронзени кораби црних едрах. Ги ружаат и чекаат погодата да се згоди, студен ветер да повее, за да тргнат кон навака. Кога ќе дојдат што ќе најдат: нас неколку на крепоста бранители. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не сме доста? БОЛЕН ДОЈЧИН: За смртта и премногу, за надежта таман толку, за победа ни одблизу... Многу дамна, под Византа града, фалангата наша парам-парче би разбита од што тој што водел дур од после мислел. Во бојна заслепеност не ја смерил својата дребност пред седумте цариградски ѕидини, а ни двете никој не се најде да ги турни, пустинската ѕверка да ја скорни и убие. Од тогаш силна војска не скрпивме, сал по некој добар јунак повремено, безвремено преполовен. Затоа барајте, ако нешто може да не спаси од либиската чудест тоа ќе е на Громовникот оружјето. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Кога Дојчин словом бара да се бара, тогаш мора да се бара. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Каде? Како? БОЛЕН ДОЈЧИН: Еве вака. (Го вади кинжалот, клекнува и со неговата рачка почнува да потчукнува по подот) Вслушнете се дал ќе екне празнината, тучот в слухот да ви здроби шуплината. Кај што полно одгласува таму ништо нема, кај што празно одѕвонува таму ќе е бараното. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ако не го најдеме пожелното? БОЛЕН ДОЈЧИН: Ниту најстарите Солунчани не памтат кога на каштелава, тешким челиком, двери и се оковани, со дванаесет локоти заклучени. Ваков блескот, тој што вером е опфатен, радо не остава. Сé ќе стори за да му се даде да се свие во молитва пред златово, од мајстора над мајстора исковано. Мора овде нешто страшно да се крие, за Христовите следбеници неповолно. А пострашно за нивната заслепеност од знамењето Перуново нема. Само тоа може потсмев Харонски да двигне за верата нивна. (Сите се наведнуваат и почнуваат да удираат со дршките од ножевите по подот барајќи) МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ти Дојчине бојовнику, бојна ѕвездо недостижна, ако го најдеме, ти оружјето Перуново ќе го носиш? БОЛЕН ДОЈЧИН: Јас, дури поарен не знаете. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Таков нема, ниту пак го било. Сé што познавам од белаго Дунава до Солунски Ливаѓе, ни до папок не ти стига. Еден Хектор ти со него двајца... Само шестам, молец, моли низ черепов, да не ќе е и за десницата твоја? Вит толос апсидата што ја крепи, тежината преголема. Оружјето божествено само бог го носи. БОЛЕН ДОЈЧИН: И смртник ако сопственикот му одреди. Врховникот наш Перун-перјаница меѓу сите горе, само тој ќе знае дали можам и допушти ако можам за трозабецот негов да се фатам и за штитот, свит сач одозгора што нé грее... ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Послушајте ова плоча избрусена поинаков звук ми враќа. БОЛЕН ДОЈЧИН: (Станува и слуша) Глас пречистен до врвно спознание до нас праќа. (Клекнува крај Павле Плетикоса и тој удира со рачката од ножот. Се слуша одек кој постепено се претвора во ангелска музика) Што би ова дивно чудо низ каменот, кремен земен, небото да пропее. Небеските струни, преку сводот затегнати, одоздола да се напнат и испуштат звук само за слухот божествен примерен. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Одѕвонов што ѕвон не е, но музика непозната, почна да ме боли. Како некој со прсти нежни, за галење создадени, низ утроба, до крв, сите ципи да ми ги кине. Меко ме допира, а пробива најдлабоко. (Се превиткува од болка) МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не чукај повеќе Дојчине, врла веро наша, милозвукот низ милост ќе не здроби. (И тој се превиткува од болка) О, болко сакана, ножу сјаен, небеско перо остро кое место го копнее, докрајчи ме! ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Не чукај повеќе Дојчине, крилат коњанику, богов избранику, нема смрт попожелна од смртта од слушање. Ако ангелската песна не престане на тажачките писокот, грамади што урива, ќе почне! (И тој се превиткува од болка) БОЛЕН ДОЈЧИН: (Престанува да чука. Музиката пополека замрува) Зошто мене, само мене, болшетина не ми стигна туку блага горештина по телото до челото. Тој напев сите пори ми ги отвори. Ни на соне, ни со жена сонувана не сум лебдел јас над себе. Мелодијата што изби од оваа стена, ме раздвои на тој што слуша и другиот над чујното што трепери и гледа бела бесконечност за минливоста невидима... Протолкувај Жолта Евреина, книга нечитана. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Ти и самиот знаеш Дојчине: Она што нас нé гневи тебе те засмева, таму каде ние љубиме ти презираш, тоа што нас нé боли тебе те радува. Ти си оној, избран меѓу сите мажи, на луѓето долу да им каже што сферите смерат.Таму каде боговите пируваат не си гостин, но и на трпезата човечка не седнуваш. Бессмртноста не ти е особина, ама смртта, таа препредена прељубница, од тебе се клони... БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти претера преку мера, не сум фазла од што вие, мои блиски во секој подвиг, сте. Само сите сетила ми се напрегнати, па го примам значењето што обично бега... На работа сега: Тргнете ја карпава, од моќниот лира, да видиме што под себе крие. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Да не така двигнеме гнев неслутен, грев што ќе нé обележи. Тој што криел не го правел тоа зарад шега, од нужда, несомнено. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти се плашиш Митре Поморјанче. Прв пат гледам дека може тебе, неустрешив, канџата на стравот да те склешти. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не Дојчине тоа што ме стега страв не се именува, оној слом на свеста пред смртта слутена, туку нешто друго за збор или толкување недофатно. Оваа спила овде, кога ти со рачката од ножот лесно ја потчукна, не пев, но порака ни прати, разбирлива, јасна и доволно гласна за да не штрекне: Не барајте понатака, како да рече... БОЛЕН ДОЈЧИН: Или избавата на вашето племе под мене ја чувам. Ефтимиј, пророкот кутмичевички, никогаш не згрешил. Тој ги претскажа на Релјо Шестокрило болеста, поморот на стоката се до теле, далгата како планина преку Солуна, седумте гладни години, трите илјади јалови невести кога сред високо пладне гробен мрак падна... Тргнете ја плочата, долу е оружјето Перуново. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Кога Дојчин бара да се тргне, тогаш мора да се тргне. (Тројцата се наведнуваат и со напор ја креваат плочата. Ја оставаат понастрана од отворот. Извесно време ништо не се случува. Потоа нагло избива заслепувачка бела светлина. Од отворот, пополека, излегува Света Недела. Дојчин стои гледајќи во неа, другите, вознемирени, се тргаат понастрана) СВЕТА НЕДЕЛА: (Изгледа како од сон) Во триста години, што е црква затворена, триста јунаци се пробрани се пробаа нејни вити двери да отворат. Никој не успеа, ниту жив од потфатот се избави. Ти кој си што ти се даде сал со лесен удар на десното колено оковите и штрангите, жапките и клучевите да ги строшиш? БОЛЕН ДОЈЧИН: Јас сум Дојчин Солунчанин, дојден овде да си земам што е наше. Ти која си, жена или привид, сноп светлина, жолта магла, долна лага од окото измамничко? СВЕТА НЕДЕЛА: Овде нема ништо ваше ако не се смета заблудата, со векови, пророците на лесноверноста што ѝ ја нудат... Одете си. БОЛЕН ДОЈЧИН: Не, пред да ја скончаме задачата примерна на заканата од бесот либиски, не, пред тоа жено или што и да си. СВЕТА НЕДЕЛА: Тоа што свети двери проваливте крупен грев е на младоста плиткоума што ќе ѝ се прости. Тоа што плочава ја изместивте тежок престап е само волјата господова што ќе го заборави. Ако останете и трагате по тоа што го нема сами во смртна примка влегувате. БОЛЕН ДОЈЧИН: Зар закана, таа грешка гибелна зарад која врли мажи главата ја губат, ти пред нас изговараш? СВЕТА НЕДЕЛА: Не, Дојчине Солунчанину, мојот збор е молба и препрека непроодна посакувам да ви е. Да го запре следниот ваш чекор, од непромисла исчекорен, оти ќе ви биде последен. БОЛЕН ДОЈЧИН: Не сум овде дојден да беседам со празнина во жена што се стори, со сенишна убавина од ноќен пад, до распад, на умот родена... (На другите) Продолжете со потрагата, ако е нужно искорнете, превртете, искршете, пред сјајот од ова мајсторство, што не плени, не клонете. Ќе дојдат пак сликарите, резбарите, ковачите, кујунџиите невидени само ако ги избавиме со на Перун кон нас наклоноста, и сé ќе преуредат во блескот и поголем од овој. СВЕТА НЕДЕЛА: Чекај... Јас сум Света Недела, заштитничка на храмов, и ти велам овде не ќе го најдеш тоа што твојата намера ја поттикнува. Такво и нема, освен во вашето кривоверство. Одете си пред на трпеливоста смерна да и дојде крајот, а погромот, отната стерна, до гроб што ќе ве прогонува, да ја замени. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Дојчине, на мудроста советнику, да одиме. Оваа жена, слутам, ова лице чисто, вистината не гибната го озарува. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти Митре, ти кој прв пат образот на стравот кон мене го вртиш, можеш да заминеш... Но и вие двајца, зад молчењето засолнати, со него вон. Сам ќе го најдам оружјето. Од Громовникот громот, лач насочен, ќе ми го покаже местото каде е скрито... Вон, реков! (Тројцата тргнуваат да излезат) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (Пред да излезе) Знам, сé сам можеш, туку ако, ќе чекаме надвор и јанѕа ќе нé разјадува, да ни пратиш знак за да ти се вратиме ако нужда те присили. БОЛЕН ДОЈЧИН: Оди Жолта Евреина, моја кршна побратима, што и да се збидне на добро ќе излезе. (Тројцата излегуваат. Дојчин доаѓа до отворот од кој излезе Света Недела и гледа внатре) СВЕТА НЕДЕЛА: Зар во моето обитувалиште тој сакрамент го бараш? Таму ни помисла на знамењето од твојот бог измислен не ќе најдеш... БОЛЕН ДОЈЧИН: Овде, во оваа крипта студена, во оваа урна позлатена, ти живееш? СВЕТА НЕДЕЛА: Не, Солунчанину, мојата опстојба живот не се нарекува. БОЛЕН ДОЈЧИН: Туку како? СВЕТА НЕДЕЛА: Зборовите малубројни, бог на човека што му ги даде за да ја искаже својата безначајност пред неговата бесконечност, ни одблизу не ќе ти ја опишат сушноста на моето битствување. Зборот земен недостатен за појавите небесни... Туку нека: Можеби вечност е поимот што го знаеш, кој ќе ти помогне да го појмиш она во кое сум. Или само миг од вечноста кој бескрајно трае, без времето да го познава ил умее да го мери. БОЛЕН ДОЈЧИН: Намерата твоја ми е јасна: со слова матни, недофатни, слова заведливи да ја спречиш мојата. (Го вади ножот и почнува да потчукнува по подот) СВЕТА НЕДЕЛА: Но, престани да чукаш, со кинжалот од судбата си клукаш, од дробот нејзин и срцето. Страшна клетва над тебе се густи се цепат сред твојот пат бездни пусти, димни гротла што ќе те голтнат. Бог веќе е гневен Дојчине Солунчанину и нетрпелив. БОЛЕН ДОЈЧИН: Тој бог, во кого ти веруваш, мене ништо не ми значи, ниту може да ме спречи до штитот и копјето од мојот бог да стигнам... СВЕТА НЕДЕЛА: Не хули Дојчине, нема мој, твој, бог е еден сеприсутен. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти која Света Недела себе се нарекуваш може да е светост, како светлост од твојата убос несмерена и да ти стига, ама разум опсудбата точна што ја носи, не... Богот за кого говориш дали има име? СВЕТА НЕДЕЛА: Зар може да се именува видимото и невидимото, сватливото и недофатливото, отсутното над присутното што лебди и сж зад тоа до недоглед? БОЛЕН ДОЈЧИН: Несакајќи во занес наивна, ти дивна ја кажа вистината цела: Ако твојот бог е сé, тогаш е и ништо. Не постои сопство кое нема граници и облик, без лик, макар каков и да е, божествен, сепримерен, ништо не може да дејствува, да трае... Перун, врховникот, јасни качества го красат: на сонцето тој е бог, сонцебог, громосоздател, громокротител, громовник ноќта трудна и денот, за радост човекова што ги дели. И Дажбог небесен, син и голем колку небото. Сварог, брат Перунов, на огнот земен создател и господар. Велес пастирот добродушен стадата од помор што ни ги пази и нашиот дом од погром го заштитува. Стрибог во водите питки што обитува. Ргел, Мокош и Род од кого нашиот пород е згрижен и судбината со тоа... СВЕТА НЕДЕЛА: Боговите за кои зборуваш во умот непросветлен на твоето племе се родени. Немоќта душевна да се втопите со вера во богот единствен, во семирот цел, ете таа ги создала за да ви служат, а не вие ним. О, нескромност, желбо пуста да се има бог за пастир, крепител и слуга за да се скрие својата ништожност и долност, калта леплива од која сте создадени и на смртта предадени. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти жено, со која спор беспредметен јас водам, знај боговите наши нам ни се подобни по обличје и сетила, само не по продор умствен, не по сила. За мала жртва: петел, јагне или теле, реч пробрана, цвет посветен: перуника за Перун, без трага од премисла, ќе се втурнат за да избават, припомогнат и спасат, пред злото да се гласаат и го спречат. А твојот бог, таа празнина во свеста скрушена, тој луѓето ги мрази. Велат сам од кал ги создал и ги оставил долу, во истата твар, да се валкаат, додека тој ликува, горе, над тагата од своето дело... СВЕТА НЕДЕЛА: Со секој збор ил помисла, со секој удар на ножот, сé поблиску си до клетвата што ќе морам, јас жална, да ја изговорам. Затоа замолчи ти мажу пред кого жените се ронат, еднаш ја те видат са век ќе те сонат, замолчи и оди во светот во кого ни човек ни ѕверка не ти се рамни, свет како по твојата мерка и за твое уживање. Оружјето сенишно не ти треба, уште долго Либијците не ќе пристигнат на брегот на кого ти стоиш, а и триста кораби да изброиш, кога ќе дојдат, за твојата гордост и сила малку ќе се... Оди ти велам, јас можеби не сум жена, но не сум ни стена ладна и без таен трепет женски... БОЛЕН ДОЈЧИН: О светице, светлост прозрачена, добро ли те разбрав или надежта, таа болка мрачна, памет ми помати? СВЕТА НЕДЕЛА: Не прашувај, оди. БОЛЕН ДОЈЧИН: Одговори за да одам, но кон тебе. СВЕТА НЕДЕЛА: Низ моето грло, кавал господов, нечестивиот се проби и можност лицемерот доби да го каже тоа што го чу. БОЛЕН ДОЈЧИН: Да лаже убавината не умее, вистината, по природа дадена е нејзиниот пристан. Не зборовите туку твоето лице, повесмо блескот, како пред сонцето в зори облакот црвен за денот ветровит, го оддава значењето. (Оди на кај неа) Жено желена, жено недопрена, а љубена во мечтата од сите мажи, кој ќе ми каже дали јас сум тој избран да те гушне, за да слушне што вечноста говори? СВЕТА НЕДЕЛА: Дојчине Солунчанину ако на моево рамо или бедро, твојата рака од милост се спушти, ќе се отворат штедро бесовите. Времето од бескрај во миг ќе се згусне за да те здроби тебе. БОЛЕН ДОЈЧИН: Болко недодржима, смртта кротка нека иде, не ме плаши ништо што со мене ќе биде, само јанѕа ме потресува, да не како кога жртва се принесува, се вознесеш горе, меѓу весталките и за секогаш те снема. Од мојот допир, камче фрлено во вир, одразот твој да се распрсне, да првне и исчезне во недоглед... Но мускуливе, сево мое тело, лак напнат се кон твојата ломност, не помамност, нежност неслутена да те обгрлам ме гони. На градиве вжештени твоето лице нека клони за да остави трага во сината водена креда. СВЕТА НЕДЕЛА: Не Дојчине, не приоѓај веќе, јас не можам да бегам, твојот поглед ме закова за тлото, злото милост што се вика ќе гргне и мене во грев непростим, а тебе во проклетството ќе не тргне и удави... Не приоѓај ти суштество од глина ѕвездена создадено, нам не ни е дадено, во спој совршен да бидеме ти маж јас жена... О, светост бестелесна, месечева одоро тесна, досега дар божји, сега и од сега казна грозна под која, до каде помнењето стига, ќе се мачам. БОЛЕН ДОЈЧИН: (Ѝ приоѓа и ја гушнува) Нема казна пострашна од тоа да те лишат на љубовта, нар скинат од дрвото на семирот, да и се дадеш.. Не тргај се, не бегај ми така, сето мое ткиво да те појми сака... И усните, од блаженството дното, подај ми ги. (Ја бакнува) СВЕТА НЕДЕЛА: (Се припива во него) Готово е Дојчине, ти го испи отровот. Таму каде требаше да биде нектарот на сласта, до страста телесна што води, таму змиска плунка најде. (Дојчин паѓа превивајќи се од болка) ВТОРА СЦЕНА Отворен простор со пат на средина. Под два високи чинари мермерна чешма со три шепурки. На чешмата е вжлебен голем благороднички грб. Влегуваат Павле Плетикоса, Митре Поморјанче и Жолта Евреина. На рамена го носат Болен Дојчин. Околу чешмата старци и старици. Немо ги гледаат дојдените. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Да го спуштиме овде, под сенкава густа, да се примири, да тивне. (Го спуштаат) Скоравената уста со вода натопете му ја и дајте му да пивне од татковата чешма. (Постапуваат така) I СТАРИЦА: Што носите мајке на рамена, на рамена моминска перница, што ми долу мајке положивте под чинара кумир дрво, на ветера каршилакот? На лов бевте, лов теравте, елен самјак уловивте, ловината ја зедовте? На бој бевте, бојувавте не папсавте, бој смогнавте, надбоивте, главатарот го пленивте? Ил сте мајке шегобијци што ми бијат шега - детска игра за рашена, што го креваат победникот, победникот на рамена? Кажи мајке, изговори, залуд мајка да не тажи, срце гламна да изгори, кој е тоа? ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Дојчин Солунчанин, на Солуна бранителот... III СТАРИЦИ: Леле што не јандан копно ми распука, мнамо море да исшмука, сé што живо да подави, да поклопи, та над светот да се склопи, да не чуе што слушнавме ние трите злопатици, празни врчви, леле кукавици. I СТАРИЦА: Замолчете црни врани, црни грла - гнојни рани затворете. За офкање, лелекање, страшен писок, смртен стисок од смртта поседничка, време има... (На Митре Поморјанче) Кажи мајке, ти ми кажи, Евреинов жолто око измамничко, жолто лице предавничко, што предаде син господов, дека лажи!... Зошто ти е руса глава наведната, вилицата отежната, чеканката ти се треси, а снагата притресува? Зошто плачеш мајке, солзи јадри срча полна, зошто болна ти е насмевката што ја немаш?... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: По Дојчина наша верна побратима, на животот учителот, на блесокот вестителот. По јунаков овде легнат, страшном клетвом што е жегнат и пронижан. III СТАРИЦИ: Ој, таго и пораго, ој. Сива пепел сводот роси, таксаната корни коси, невестата под лажичка ѕвере носи, а сестрата чеиз спрема, сред работа исчезнува, снег пролетен, да ја нема, не дочека до пред врата брата болна. Ој, таго и пораго, ој. Не е Дојчин што е Дојчин, тук е Дојчин рана жива... I СТАРИЦА: Усти пусти со глиб смрдлив наполнете да не пуштат гласовите, да не слушнам зборовите, зборовите бојни стрели. За Дојчина тој што вели да е Дојчин овој овде време му е со животта да се прости, стрвинари да нагости и исчезне... (На Павле Плетикоса) Ој, ти Павле, Плетикоса Павле, ти си мајке од чеснаго рода, татко ти е налбатина Стојан, што ми кове потковици на коњите од јунаци, потковици со златни клинци, а за тоа не наплаќа, ти мајка нема да ја мамиш, нит да мамиш, нит правината извртуваш. Мајка сака да те чуе како викаш: Овој долу спругнатиов тој е мајко гнасна ајдутина, арамија анџарлија, што ми кради дете од доилка, од доилка од скутина. Него мајке ние го ранивме, бојним копјем пронижавме низ дробови бели... А што молчиш, зошто коса расплетуваш, коса далга морска, што си лице нагрдуваш, лице пена морска, со ноктите по образи крвави бразди развртуваш?... ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Да ми една нога до колена, а другата до ципите, двете раце до рамена, што одеа, што носеа, болна дика Болена Дојчина... (I Старица писнува и истрчува надвор. По пауза пополека влегува слепиот старец Езакиј) ЕЗАКИЈ: Очи нема за гледање, очи дамна истечени, на местото празни јами, два извора блатна вода, да не видам што не треба: Преку сонце црна скрама, црно сонце, под небото гробна штама, гроб небесен, а у гроба дим девојка, Димна Јуда... Што ми рано млада подранила да измети шим-шир дворје, да небаре росно цвеќе: ран босилок, Бела Рада, да го тури и пазуви, у пазуви миризливи, да дочека добер јунак Дојчин Солунчанин, добра среќа и изгора. Што ми в часум млада погледнала на истока, на истока знак господов: крст во пламен, сонце камен изладено. Веднаш Јуда се досети, ми доуми протолкува да е смртта похотлива походила Дојчин лудо... Дојчин мртов, а за неа колај бива... Ми извади дребно ноже дамаскиче, ми прережа бело грло, од грлото галабица пролетала, да го стаса Дојчин што побрго, да не Дојчин ѝ избега, ѝ избега там зад сртот. БОЛЕН ДОЈЧИН: (Како да се буди од сон. Офкајќи се поткрева на лакти) Убиј те го! ЕЗАКИЈ: Заповедта што ја слушнав, ако слухот старчева хороба, не ме лаже, Дојчин ја издаде? ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Тој. ЕЗАКИЈ: Убиј те ме тогаш, мојта радост, на младоста доблест, што е Дојчин жив, само смртта може да ја скроти... Не чекај те, убиј те ме веднаш! Слепилото мое залуд господ ми го дарил. Со окото во душата јас не видов сé што морав, сé што може слепец да обвиди и спознае без гледање: Да е Димна Јуда, дим сред ветер, без потреба грло преражала, од грлото кротко пиле пролетала, да долета до Дојчина, да запее смртна песна, за живите не чуена и со неа да се втопи во смртта Дојчинова... Убијте ме сега! ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (Павле Плетикоса го вади ножот и оди да го убие) Чекај Павле, ножот тежок во канија назад. Сечилото девет пати нежежано и уште толку наострено не е каил да заколи слепа старца. Крв да пушти од онега чија крв е со години, низ неоли, засирена, загрудена... БОЛЕН ДОЈЧИН: Сечи Павле! Не слушај го! На четири забразди ја сподобата грда. Веста страшна дека е мојта љуба, Димна Јуда, мртва, носителот веќе го убила. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: И затоа страм е голем за Павлета Плетикоса, за нас сите, да го брцне врвот од кинжалот блескав, во мртво месо, во утроба што не проба да се брани. ЕЗАКИЈ: Не е ножот тој што сече, ни раката од Павлета не е рака што го стега. Допушти ми сега, јас немоќен, со нив да се послужам, за превидот што го сторив да си пресудам и пресудата ја извршам. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Оди Езакиј, ти старецу скрушен, твојот мост е срушен и кус ти е патот до падот во Тартар, реката во која само смртта е жива, низ која назад не се плива. Оди Езакиј и не барај помош од нож за на што веќе го имаш. ЕЗАКИЈ: Дојчин е болен, но гневот негов болест не го ослабува, како сјајна молња бескрајот што го порабува, така тој тебе Евреину ќе те стегне за да те дигне за да те дигне до непостоење. Ти велам: причувај се од таа чиста сила на која тело не и треба. БОЛЕН ДОЈЧИН: (На Павле кој се колеба дали да го убие Езакиј) Павле, пазителу на моите заповеди, тој сув и збрчкан лист остави го нека се доведи сам до смртта од копнеж по неа... Мене сега носетеме при сестра ми Ангелина, во мојте дворје, таа да ме двори и лекува, ако лек се најде за болеста на снагата, лек ќе нема за дагата, мрачно петно врз душата скоравено. (Тројцата го креваат и пополека го изнесуваат) III СТРАНИЦИ: (Додека го изнесуваат Дојчин) Ој, таго и пораго, ој. Часов страшен сé ќе смени, ние жени доодени, дородени, ние знаеме: од денеска, денов проклет, не е светот свет што беше, ни луѓето не се исти: Побратимот брат ќе мрази, а таткото сина гази. Црвот лигав ќе пролета, сокле диво по дно лази. На сред лето снег ќе паѓа, ништо нема да ботее, да се раѓа: По полето пепелница, а пченица ниту зрно, на породот срце црно не зачука барем еднаш. Глад ќе стаса, чума грозна, од поморот слугинката, ќе наваса. Ѕверињата ќе се скротат, ниту мртви, ниту живи, добитокот по пондили, по угари ќе подиви. Така ќе е низ години долги, дури солзи не ни скипнат, а грлата од офкање ни зарипнат. Дури Дојчин болен во постела ледна, со удови голи не обгрли сестра чедна, сестра Лепа Ангелина. ТРЕТА СЦЕНА Во престолната одаја на Солунското кралство. По пауза влегуваат Јован Ангел - кралот Солунски, Ирина кралицата и Великиот логотет Симеон Лакапин. ИРИНА: Не мој кралу, Ангелина, не таа жена. ЈОВАН АНГЕЛ: Престанете веќе еднаш кралице! На вашето лице мрска му е омразата која го засенува тогаш кога на Ангелина името ѝ се споменува. На вашето достоинство не му приличат ниски побуди, долни заблуди за род долен соодветни. ИРИНА: Знам, вие мислите дека од мене мајчинската љубомора говори. Она чувство што ја спори секоја помисла нашиот син нејак, низ нежност, до идеал за маж брусен, на друга жена да ѝ го отстапиме. Но не е така, барем не во поводов. Нам, мој василевсу, лепата сестра Дојчинова, иако само на два пати во размин смерена, повеќе од секоја ни се чини примерна за единецот. Во ставата не е јадра туку складна, сепак тие тесни бедра здрав пород ќе занесат. Од лицето чедност, таа вредност се поретка, и сјае. Моето срце знае дека поприкладна тешко да ќе има. ЈОВАН АНГЕЛ: Тогаш на што да му заблагодариме за вашиот отпор? За овој бесцелен спор со денови со нас што го водите. Каприц ли е, таа женска дреа, или потсмев, скрита смеа пред волјата наша? ИРИНА: Ладна просуда величество. Како кога зналец на каменот обичен, пред каменот бесценет предност му дава, оти крепост гради, а не ружа кралска круна, така и ние мислиме дека Ангелина не е таа што сега ни треба. ЈОВАН АНГЕЛ: Поднесете докази. ИРИНА: Ги има и повеќе од нужно, само стрепам за вас премалку ќе бидат, или оти од нас идат, од жена, битие непродлабочено, по работ на сложената примисла насочено, вие не ќе ги прифатите. Затоа ве молам вас велик логотету да ги изложите. СИМЕОН ЛАКАПИН: Јас, но зошто јас?! ИРИНА: Та вие сте маж, а со тоа знатна предност, без заслуга лична, веќе сте си прибавиле, ништо посебно не сте направиле за вашиот збор исклучително да тежи, погледот да смрзнува, здивот да ви жежи, но тоа е така. Затоа напред, пред кралот. СИМЕОН ЛАКАПИН: Ваше величество јас не знам што треба да кажам. ИРИНА: Не знаете! СИМЕОН ЛАКАПИН: Ниту од далеку. ИРИНА: Сé до порфирот на исток, сé до зори ти ништо не ни оспори, кога пред три дни, кралската волја ние пред тебе ја критикувавме, кога зборувавме за угрозите на кралството што ќе му ги донесе. Не само што не слушаше нас туку и своите разлози, во прикрепа на нашата опсудба мошне разложно ги изложи, дури и со вознес торжествен и грижа видлива. ЈОВАН АНГЕЛ: Зар така лесно велик логотету си допушташ помисла и дело нашата замисла за свет спој помеѓу принцот и Ангелина, со другего, макар кралицата било тоа, на преценка да ја изложуваш и себе да се наложуваш како помудар од кралот. СИМЕОН ЛАКАПИН: Ваша светлост, василевсу, но не е така, нејзиното величество не ме доразбрало... ИРИНА: Припроста ти е чинам Симеоне Лакапин, неоти една од твоите дами која не се срами на својата лудост да ѝ се восхитува, додека со тебе, во смрдлива ложница играјќи војна не се заситува... Уште тогаш знаев дека не од совест или љубеност тој гест, да се согласиш со мене произлегува туку зарад сплетка, намера тајна, од своја сметка... ЈОВАН АНГЕЛ: Ирина со Симеона подоцна, сега доказите. ИРИНА: Склавинка е таа, нели? ЈОВАН АНГЕЛ: Да. ИРИНА: Со тоа Варварка, на народ див ќерка, од род кој само за палежи, погроми и колежи знае... Не умее да чита, да свири на лира или китар. Не го познава латинскиот, со грчкиот се служи тешко. Манирите дворски ѝ се туѓи, не обеди пробрани, ами сешто в уста трупа... Добро, како слушам не е глупа, ниту груба. Со ретка дарба за склад меѓу боите, својата руба велат ја вези. Три години го парала на татка си грбот, совршена хармонија барала помеѓу петте калинки и двете копја... И ја нашла, како Фидиј што го најде промерот за пердувот прв од на Атина Партенос бувот... Сепак тоа не е ништо наспроти нејзината безбожност. Како и брат ѝ Дојчин кој за син од некој си Перун се смета, така и таа во занес света на склавинските богови им се моли додека војниците, голи, крв жртвена од вените си пуштаат... ЈОВАН АНГЕЛ: Кралице ние сето тоа го знаеме. ИРИНА: Со овој брак, мој кралу, вие целите да ја зацврстите лојалноста на стратегот Дојчин кон вас? ЈОВАН АНГЕЛ: Токму тоа. ИРИНА: Не одрекувам: целта ви е возвишена и од мадрост таа не е лишена... Туку, ме известуваат моите доушници, на соседи склавини, дури и на наши, своите поседи Дојчин почнал да им ги дари. Да го крчми меѓу бедните, лудите, сакатите и болните на татка си богатството. Во братството склавинско дамна прв е. До митско величие го поткреваат и се надеваат дека само тој може да ги спаси од вазалската положба. Ама и нашиов народ за чудотворец го има, од оној миг кога минатата зима, со тема малубројна успеа персиската војска безбројна под градов да ја одбие... ЈОВАН АНГЕЛ: И тоа го знаеме кралице. ИРИНА: Тој стратег платен е на единствените наши одреди. Војниците, што и да нареди, без поговор го слушаат. ЈОВАН АНГЕЛ: Не одрекувам. ИРИНА: Ако нашиот син Ангелина Лепа ја земе за жена тогаш Дојчин кон својата војничка сила и силата на власта ќе си ја придодаде. Кога ќе реши да те урне, смртен удар да ти зададе, ќе нема што да го спречи. Славен како Херакло под Немејската кожа, не да бојува, да речи само ние сите без носеви ќе останеме. Ќе нема брег, во мир до смртта, каде што ќе можеме да пристанеме. ЈОВАН АНГЕЛ: Сé што говорите Ирина наша е бессоница, мора ноќна, умствена темница... Затоа одлуката падна: колку и да се чини недолична, дури и гадна, ние Ангелина помалку за принцова жена отколку за заложница ја земаме. Тој неа ја сака и повеќе од брат што сака сестра: единствена од родот му остана. Кога ќе е кај нас да го повти престолов тешко да ќе се дрзне, од помислата само дека со нејзиниот живот владееме, сé во него ќе се стишува, ќе мрзне... ИРИНА: Планот ви е, несомнено, добар, но слушнете го мојот: Јован III Ватац, царот Никејски, во налет сличен на Еоловиот, кога е бесен, до Родос стигна. Патем ги покори Лезбос, Хиос и Икарија. Неговото царство од Никомедеја и Никеја до Антиохија се протега. Пред Цариград тој е сега, портите му ги ломи и ќе ги сломи како што се гласи... Ете таков сојузник ни треба за да не спаси од Либијците, Персијците, Арабјаните, од сите вонверни рила на Солун својата сила што ја пробаат... Тој има ќерка Теодора... ЈОВАН АНГЕЛ: Кралице таа е куца и тревлива, а пак грда е како харпија. Син ми, моето месо, со неа да спие, не! ИРИНА: И стара е Теодора, болникава и кашла. Маж нејзе не ѝ треба кога до сега не нашла, па затоа тешко да ќе да сака и со принцот наш да дели зглавје. Со такво здравје мошне брзо ќе се сели од светов видлив, со наша помош, кога ќе ни треба... ЈОВАН АНГЕЛ: Не и не! Царот Ватац предалеку е од нас: преку еден теснец силно бранет, преку едно море и секогаш време ќе му треба, на наш знак, да стигне овде во припомош. Вашиот план е лош и од друга страна: вон крепоста, без поговор, голема е опасноста, туку внатре, кралице, во градов, зад ѕидон моќен, во заговор ноќен, зилотите и икономахите кон нашите глави се стремат. Ако власта ја земат црните монаси ништо нема да го спаси солунскиот блесок. Што мислиш за ова ти Симеоне Лакапин? СИМЕОН ЛАКАПИН: Јас!?... Јас мислам кралот не греши. Само Дојчин може да ја реши зилотската загатка. И така тој не ги навидува ревносните, но и сите други во Христос што се колнат... I СТРАЖАР: (Влегува забрзано) Ваше величество, надвор чека либиски пратеник. ЈОВАН АНГЕЛ: Што?! I СТРАЖАР: Либиски пратеник, носи порака до вас василевсу. ЈОВАН АНГЕЛ: Либиски чакал овде... ИРИНА: Нека влезе да го чуе кралот. (II Стражар излегува и по кратко се враќа со Либиецот и со II Стражар) ЛИБИЕЦОТ: Во допир со боговите нашиот семожен цар, до вас кралу, срдечни поздрави праќа и ве моли да ја сослушате неговата волја која низ мене ќе говори. ЈОВАН: Слушам Либиецу. ЛИБИЕЦОТ: Дали, знаете сé кралу за нашата воена сила: за корабјето поцврсто од бедем, флотата непобедена што била, за нашите бојовници од кои еден со десет туѓи војници не се заменува? Дали знаете сé кралу за нашите воени машини, грчкиот оган, борбени вештини и лукавства пред кои се тресат сите источни царства? ЈОВАН АНГЕЛ: Знам. ЛИБИЕЦОТ: Тогаш заповедта царска, од семоќниот што ја носам, разбирлива лесно ќе ви биде, а спроведлива уште полесно. ЈОВАН АНГЕЛ: Да чујам. ЛИБИЕЦОТ: Нашиот цар, по мудрост пред Соломон јудеецот, реши Солун, овој крупен бисер на брегот од Егеј што се бели, да не го напаѓа. Неговата светлост знае, како Леонидас што знаеше за Атина, та Ксеркс не помина низ Термопилите до преку мртвото му тело, дека мора да се чува градот, на раце вешто дело, на срца упатени во складот некои уметност што го нарекуваат... ЈОВАН АНГЕЛ: И добро решил вашиот владетел. (Го вади прстенот од својот прст) Како благодарност за таквата добродетел носете му го овој кралски прстен по убавина единствен... ЛИБИЕЦОТ: (Не го зема прстенот) Но чекајте кралу, наредбата слушнете ја: Уште реши царот да ве вклучи и вас во спас на сопствената престолнина. Затоа ќе морате на неговата вечност 3.000 таленти злато на три пати годишно да му дарувате и уште сета војска, на чело со стратегот Дојчин, да му ја отстапувате кога ќе бара. Неговата милост, царот Либиски, својата добра волја да го сочува Солун ја дава како влог, а вие само метал ништожен и војска склавинска во прилог, само тоа малку... ЈОВАН АНГЕЛ: Со мене ли биеш шега Либиецу? ЛИБИЕЦОТ: Не кралу, ова не е шега туку стварност крута... ЈОВАН АНГЕЛ: (На стражарите) Убиј те го! (Стражарите тргнуваат да го убијат) ИРИНА: Чекајте! (Стражарите застануваат) О, василевсу, мажу наш, бесот нека не ве советува. Та знаете никогаш и ништо добро тој не ветува, само одлука наврапита и грешна по правило... РОМАН МИСТИК: (Влегува) Убијте го неверникот кога кралот така заповеда. ИРИНА: Пак си тука црно расо, штом некој треба да умре ти го носиш од смртта гласот. ЛИБИЕЦОТ: Јас воин сум и од часот, кога со стрела тенка, во туѓ живот мерев, смртта ми е сенка во чекор што ме следи. О, кралице, ти умна жено, не за мене мртов во иднината, на својата грижа топлината кон кралството упатете ја. Тој што сега ќе ме убие или празноглав е или мрачна тајна крие пред своите ближни, пред своето племе, пред градов и кралствово... РОМАН МИСТИК: Убијте го! ЛИБИЕЦОТ: По потекло и чин сум низок, но до царот мој сум близок оти предавството веднаш го препознавам. Од збор само, темна брчка на лицето, дознавам за измамата. Та и овде го гледам она што кралската глупост не го слути... ЈОВАН АНГЕЛ: (Зема копје од еден од стражарите и го прободува Либиецот. Тој паѓа мртов) За таква дрскост смртта нека ти биде награда! ИРИНА: А пак нам казна Јоване Ангел, страшна казна која ќе нé стаса пред твојот ум да сфати дека овој долу, неоти стоглав ѕвер, веќе каса до истребување... Јас отидов да го земам принцот за на бегството да му се приклониме, кај татко ми Одрин ако е рад, да се склониме... ЈОВАН АНГЕЛ: Без паника Ирина, без тој лош советник, таа женска навика да се бега пред претпоставка. Та сами рековте: Дојчин прави чуда. Додека е тој на чело секоја намера да се освои Солун, се чини луда... РОМАН МИСТИК: Дојчин е болен, тоа весел дојдов да ви кажам. ЈОВАН АНГЕЛ: Болен, од што болен?! РОМАН МИСТИК: Од немоќ чие потекло само бог го знае, а исходот ѓаволот... ЈОВАН АНГЕЛ: Романе Мистик сакам точна да ја чујам веста. Доста ми се веќе спознаи матни, сеништа низ свеста. РОМАН МИСТИК: Дојчин, зилотската поткрепа, зарад суета слепа, влегол денес во „Света Недела“, храмот забранет. Скрнавел, рушел, а излегол ранет, во болка се гушел без рана видлива. ЈОВАН АНГЕЛ: Кој го ранил кажи? РОМАН МИСТИК: Божјиот прекар, заканата за тој, што ќе помисли макар, да направи чекор зад дверите на таа црква. Ете тоа василевсу, Дојчина го смогна и во проклетство го прогна, во тој морничав предел во кој лесно се влегува, а само мртов излегува, ако смртта, дар драгоцен, допуштена биде или по заслуга иде стекната преку на сестрата постелата. ИРИНА: Што глаголиш егзарху Солунски?! РОМАН МИСТИК: Вистината величество. ИРИНА: Со сестра си да спие?! РОМАН МИСТИК: За да умре ќе мора така, но пред тоа низ адска мака, гној и гнилеж, во години долги, својот грев ќе го искупува. ИРИНА: Те оставам кралу со овој труп долу, со Симеона Лакапин, на колебливоста слуга и оваа сподоба, а помрачна ни друга, како злодоба пред која кралството ти рида. (Излегува) ЈОВАН АНГЕЛ: (Тргнува по неа) Ирина, кралице жено љубена, но чекај, само си возбудена... (Излегува) РОМАН МИСТИК: (По пауза, на стражарите) Изнесете го трупот. (Стражарите го изнесуваат) Симеоне, мое драго чедо, низ бдеење долго, од божјиот шепот, ова чело седо, узна дека мора да се тргне кралот. Таа личност смешна, што поскоро, треба да ја снема од тронот на Солунсково кралство. СИМЕОН ЛАКАПИН: Та знаете ваша светлост дека и јас истото го мислам, но како не умеам да смислам. РОМАН МИСТИК: Со нашите пријатели од запад: Рим и Светата столица, дуждот венецијански кој долго, на Солун, готви напад... Туку да одиме во моите дворови, таму, со божја помош, во мир ќе дојдеме до тоа што треба да се стори... (Излегуваат) ЧЕТВРТА СЦЕНА Во куќата на Болен Дојчин. Огромна празна одаја со железен кревет на средина на кој лежи Болен Дојчин. БОЛЕН ДОЈЧИН: (Се буди од длабок сон. Вика) Ангелино, сестро злата! АНГЕЛИНА: (Влегува) Кажи брате. БОЛЕН ДОЈЧИН: Тука ли се? АНГЕЛИНА: Та недела време, пред дверине, три громади простум исправени, три строма вишни скоравени. Молкот гробен им е пусијата, од тагата канијата засолниште. Ни да офнат, моја рано, глас да пуштат, да лелекаат, понапати сал ќе клекнат пред Перуна во молитва. Сé што грижна им принесов, негибнато, назад го однесов... Само Митре брате, Поморјанче Митре, до војската на три пати ти отиде да ја смири, ако му се здаде. Војска ти е подивела, бес ја собрал, кога чула за болеста твоја и тргнала да го бара виновникот. Не гледала кај палела, кого моја рано, го колела, што уривала не мислела... БОЛЕН ДОЈЧИН: Зар седмица цела не сум буден?! АНГЕЛИНА: Токму толку во креветот студен в сон ми тониш. Што е тоа, моја рано, што го носиш та писнуваш, крик од дното, од грлото и воздухот го следуваш. Сињак срце од сестра сѝ накитуваш. БОЛЕН ДОЈЧИН: Не знам злата сестро, или да узнам се колебам, од спознајата страшна, наслутена на сон, во нов сон бегам како во засолн кој ќе ме спаси. Но и таму Ангелино да дофатам што сонувам заканата иста се густи. Седум дена, ноќ предолга, низ соништа пусти пловам, да досегнам мир во сонот, мирно соне да уловам. АНГЕЛИНА: За другега сонот света билка лековита, а за тебе моја рано, мое брате незаспано сонот јаве и поматно од јавето само... Кажи Дојчин, сега кажи, сестра радо сé ќе стори: ќе отвори бездни земни, небеската жапка ќе ја крени, до длабини темни ќе достаса. Ќе повјаса каде нужно: сонце јужно да ја спржи, северното пак замрзни. Ништо нема да ја спречи да излечи болна брата, лек да најде ако таков има. БОЛЕН ДОЈЧИН: Немој сестро за лекот не зборувај: лек е лелек, видар смртта, видањето, а пострашно не видено. АНГЕЛИНА: Сестра има, сé што има, една душа. Она ѝ е пеперуже бело, ќе го пушти сестра да полета, да долета на твоето чело за болеста да ја впие, та под неа сестра да се свие. Братот орен од постела да стани, неговите рани нејзина повела. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ангелино, братот знае дека може со љубовта сестрина, таа сина светлина до бескрајот што се шири, боговите да ги смири, рани лути да повие, да покрие свод небесен. За моќта од милоста твоја братот свесен... Тук ти велам сестре, Ангелино Лепа, не повторувај да ме лечиш, иљач страшен не споменувај. Понапати само подај ми голтка вино низ години дозреано, јадра смоква шеќероа, путир вода од татковата ни чешма. А кога видиш злата дека тонам в горештица, секавица кај ме жега, ти запеј ми сетна песна, тихим гласом најдалеку што пробива и префрла до три гори, до три реки, та стасува во трлата, на трпеза, од овчари. Да ми овци од слушања не блееле, да ми пците сестре не лаеле, а овчари благотата не јаделе. Врли мажи просолзиле што е Дојчин Солунчанин Болен Дојчин... Викни ми ги другарите. (Ангелина излегува. По извесно време влегуваат Жолта Евреина, Митре Поморјанче и Павле Плетикоса) Што е Митре со војската? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Војска збесна главешино, кај што оди пепел чини, меса кини, распарува, оти војска не верува дека твојата болест од проклетство иде. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти што стори? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Сега, мислам, се примири... Појаснував, убедував, молев бесот да го стиши. Ако така продолжеше од Солуна ни камен, а на друг, не ќе останеше. БОЛЕН ДОЈЧИН: За пофалба здушна ти е стореното. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Царот Либиски, стратегу, преку салаора пратил доклад до Јована Ангел. Пари барал: 3.000 таленти на три пати, а и сета наша војска, згора, кога ќе му притребала. Кралот солунски, лесноумен ветрогон, пратеникот либиски во престолната одаја, веднаш тука, го убил. Не преговарал, не бил каил да се ценка, а сега ене го кај стенка откако дочул за твојата болест. БОЛЕН ДОЈЧИН: Значи Либијците брзо ќе нападнат. Ќе опседнат во опсада под Солуна. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не така брзо, првенецу. Ветрот им е неповолен, корабјето неподвижни. Ќе чекаат до на пролет да зајакнат уште троа, вистинската далга да се крени, ветерот да се мени за да тргнат. БОЛЕН ДОЈЧИН: Тогаш има време нешто да се стори. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Но и овде Дојчине, во градов, крупен заговор се спрема: Роман Мистик со Симеона Лакапин, логотетот, кралскиот престол да го преземат се готват. Известен сум, колку вчера, дека егзархот своето свештенство под оружје го става. На гардата Јованова по талент им дава за да премине во неговите редови. БОЛЕН ДОЈЧИН: Зарем тоа треба да не тишти? Нас не нé засега тој спутум меѓу себе ако се ништи. Ние не сме овде престолот разнишан да го браниме, туку Солун и целата солунска тема да ја охраниме. Дали Симеон Лакапин или сеедно кој смет, која рнка вепрова, на кралските двери својата слика ќе ја закова, нам ни е сеедно само ако плаќа. Та и по добро е да не се одвраќа тоа лудо племе меѓу себе да се требе. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Да, по тоа не влегувам во спор, но Роман Мистик, со Светата Столица во договор, ќе го пушти дуждот венецијански да го заземе Солун. БОЛЕН ДОЈЧИН: Каква сила демонска ги има зафатено, која од ериниите потфатено та што не се либат од предавство на својот град, на ближните, на својот народ... Ако е така Жолта Евреина, моја кршна побратима, на губилиште сите. До еден злите во заливон подавете ги, морските аждери нагостете ги со тој гнилеж прикладен за нивниот вкус. А на престолот чесно име донесете, ако го има во таа орда. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Тоа не е така лесно, да се најде име чесно, како велиш, е потешко од да се исцеди од каменот вино, да се види кај Либиец око сино... Туку сепак Михаил Ангел, младиот принц, може да е вистинскиот. При Јована Граматик, во Цариграт тој е учен. Млад по години, ама веќе вичен, како ми се гледа, без напор да ја разлучува моралната беда од стаменоста на духот... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не него. БОЛЕН ДОЈЧИН: Зошто не, Поморјанче Митре? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Заради Ирина, кралицата, која сеуште, неоти неодлачено кутре, на своите пазуви го стега. Таа не ќе допушти принцот по свое да расудува, по правда да пресудува и од себе да владее. Како листот што се ниша ако ветрот диши така и Михаил Ангел со постапки ќе го следи тоа што мајка му беседи... БОЛЕН ДОЈЧИН: Тогаш, разделете ги: Него на престолот, а неа во Одрин кај татка ѝ... За тоа толку. (На Павле Плетикоса и на Митре Поморјанче) Вие двајца за пат далек ќе треба да се спремите. Сé што мора, по однос на тоа, преземете: Меѓу најхрабрите по одред војска изберете, сé лесна коњаница, малубројна, а убоита, во стапица што не паѓа зошто знае сé за тоа. Во битка не влегува ако има збор, победува без загуби, но и бега пред јуришните труби... Со таков одред ти Павле Плетикоса, мој верен бојовнику, ти војнику по кого другите се мерат, кон Епир ќе запатиш, во Драч ќе се упатиш при стратегот Дука. Тој ми борчи три животи, на два пати него од смрт срамна го откинував. Дрските Авари потсмевот, меѓу два коњи да го расчеречат, што му го готвеја го прекинував. А пак син му во лов од лавја челуст го имам избавено. Дука тоа го нема заборавено и ќе прати војска за одбрана на градов, а и тој ќе дојде. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Како веќе да е сторено тоа што од тебе е изговорено. Дојчине, болен брату. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ти Митре кон Анхијалските гори ќе појдеш, таму ќе го најдеш Прохор одметникот, мој побратим по крв и рани оружени, низ битки недобројни заслужени. Ќе му кажеш сé за неолава што нé мачи. Нека бара начин со своите бунтовници пред Либијците да стигне... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Зарем Жолта Евреина, мој стратегу, за такви потфати не е поопитен? Со многу победи над друмски банди е закитен. Та нели колку лани сите патишта низ кралствово, од разбојници, тој ги исчисти. Со такво искуство нему полесно ќе му биде да се пробие до Анхијалските гори, од една страна. А од друга, пак, кој овде, додека ти боледуваш во постела студена, со војската возбудена ќе заповеда, ако не јас? БОЛЕН ДОЈЧИН: Жолта Евреина, нему ќе му ги дадам стратешките инсигнии. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Нему?! Та тој не е од нашиот род и племе. Заповедта над војската, во свои раце, Евреин да ја земе, невозможно. БОЛЕН ДОЈЧИН: Така ќе биде. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Иако од твојата волја иде, одлуката е грешна и тешко војската ќе ја прифати. БОЛЕН ДОЈЧИН: Мојата војска моја наредба не одбила. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Ваква згода досега и не била: да наредиш нешто против сите норми што е... БОЛЕН ДОЈЧИН: Не е твое за нормите да се грижиш... Оди каде што ти заповедам. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не Дојчине, никаде не поаѓам оти мислам дека наредбата неправилна од болеста ти доаѓа. Таа ти ја мати свеста да не просудуваш по нашите обичаи кои, барем овде, се јасни: само Склавин на чело на војската склавинска може да застане. Само тој што е од нејзе излезен во нејзе, како челник, ќе опстане. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Поморјанче Митре ти нема да го сториш она што Дојчин од тебе го бара? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Не. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: И на тоа стоиш цврсто? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Да. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Тогаш веќе одбери си дрво и делкај си го крстот. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Јас знам што треба да сторам. (Тргнува да излези) ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Но знаеме и ние што треба со онега, кој на стратегот сега, му го врти грбот... Стој! Не преминувај го прагот, таа линија тенка, зад неа те чека на прогонството сенка... (Митре застанува) Заврти се и за непослушноста барај прошка... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Од кого? ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Од стратегот, од братов наш Дојчин. МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Од овој овде на немоќта што е лице, а на болеста тело? Проклетството веќе му ја зело можноста да дели прошка... Зарем не гледаш Плетикоса Павле дека и духот му е наразен. Тој згрозен и поразен низ бунило заповедите ги дава. Лудилото веќе се гнезди во таа глава... ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Вон корици мечот! (Го вади својот) Само победата може да те спаси од смртта... ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Но не и од презирот... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: (Го вади мечот) Ти замолчи Евреину и гледај како зарад тебе се колат браќа, како расколот се враќа секогаш кога меѓу нас туѓинецот ќе влета... (Ги вкрстуваат мечовите) БОЛЕН ДОЈЧИН: Плетикоса Павле сечилото долу! Нека оди Митре разорен од страста да ја допре власта незаслужено. ПАВЛЕ ПЛЕТИКОСА: Зар да му ја простам навредата тебе упатена!? БОЛЕН ДОЈЧИН: Таа душа со пострашна болест од мојава е зафатена: Копнежот да се биде прв меѓу подобри од себе во мрачна келија свеста ја заточува, кон злостор доблеста и честа ги насочува и решетките на осамата меѓу себе и својот род ги препречува. Нека оди Митре низ нашата тага што меѓу нас веќе не е. (Павле го враќа мечот в корица. Митре излегува) Но сепак држете ја неговата трага и него под присмотра. Ова е здивено време, та може власта да ја земе и ништожник и подлец и слабак и оној чие лице го изобличило на презирот лепра... Одете и вие во своите подвизи. Ти Жолта Евреина земи го мојов меч и калпак. Само така војската ќе знае дека јас те одредив со моите одреди да заповедаш... (Му го дава мечот и калпакот. Обајцата излегуваат) ПЕТТА СЦЕНА Просторот со чешмата од Втората сцена. Старци и старици чекаат ред да налеат вода. Понастрана седи Езакиј со празно канче за вода што го подава кон луѓето за да му го наполнат. Никој не го забележува. ЕЗАКИЈ: Три дни чекам, молба молам, преколнувам, три дни пекам, да ме водом бистром дарувате, голтка макар подадете ил две капки, две солзи од образи, да загаснам, темен пламен во утроба... Не слушате глас на жедта, последната од желбите што ме мори да умори до мртвило... На тагата жежок восок во школките ушни. Зар ќе слушни, од проклетство здробениот, што другому треба? За потреба туѓа глув е оној на својата што не нашол разрешница... Ил пак може јас сум мртов, ако смртта е слепило, а гробот студенило. На мртвите гласот до живите не допира. Кој во луд занес се потпира врз милосрдието тој е веќе мртов... (Додека ова го говори влегува, со садови за вода, Ангелина. Сите се подиставаат од чешмата. Ангелина полни вода и му тура на Езакиј во канчето) АНГЕЛИНА: Пивни старче од водава таткова, олади се, ако лад ти треба, заслади се, ако слач ти нужен... ЕЗАКИЈ: Ти која си? Како да си од мојот ад рајско видение што ме водом нуди. АНГЕЛИНА: Ангелина, сестрата Дојчинова. ЕЗАКИЈ: Ако си таа притури ми уште троа, та после оди при брата ти да си болно брате, и неолно, водом, солзом заемном, ти напоиш. (Ангелина му тура вода) Оди страдна пат те чека журкав, бодлив и морничав. Изоди го на судбата проклетството, пророштвото искрепи го за да можеш после прочистено да отвориш рајска врата, светиците да просветлиш, на болката кралиците да утешиш, родот сопствен да го спасиш од поморот што го чека. АНГЕЛИНА: Не разбирам што беседиш, ама гледам, слепо старче, од устата отров цедиш, или само од старота штукнат, бессмислата, меур пукнат, те зграпчила. III СТАРИЦИ: (Влегуваат и носејќи садови за вода) Леле што се сите чешми пресушени, а кладенци исушени, од врелата крв избива, од студенци модро пелте. Леле што се сите реки, реки суводолки, а додолки морни жени, што не можат од небото да измолат ситен дождец, роса макар, да натопи пусто поле, да растопи грутка пепел од јалови исплукана... Само оваа чешма, три шепурки, ни остана да го пои град Солуна. I СТАРИЦА: (Излегува од меѓу луѓето) Пак сте тука кобни жени, жени не сте, но старици преклукани, да кобите, да дробите пелин слова. За вас вода нема, вам вода не ви треба оти жедта ви ја гаси од ужаси прокобата. Вратете се во дувлата, под земјата, во немот да се таму до крај расточите... Ангелино, лепа сестро Дојчинова, чедо мое, за брата ти води полниш? АНГЕЛИНА: За него, зар за кого? Други немам од блиските, најблиските. Татко велик, многу дамна, в бој ни падна кога сам се проба Солун да одбрани. Со безброј рани, сите смртни, негови убијци во дворон ни го донесоа. Низ почести царски го жалеа и повеќе од нашите или себе што немале таков јунак. Кога мајка ми го виде еднаш писна и пресвисна на одарот... Та од тогаш само Дојчин брате, мојта болна рана, ми остана. I СТАРИЦА: Од што е брат ти болен? АНГЕЛИНА: Од проклетство, велат. А од друго и не може. Болест земна за луѓето примерна, за слабите одмерена, мојто брате не го достасува. Ни човечко нешто, збор или сечило, не го навасува. Само чиста сила, на неговата соодветна, за сетила недофатна може да го гибне. Сила страшна од пророштво во проклетство низ времето собирана, од божји клетви прибирана, за брат ми. I СТАРИЦА: Ти лекот не го знаеш? АНГЕЛИНА: Да го знаев не ќе траев во тагата брате да си гледам као болно јачи, маком велјом кај се мачи и премира. Од сестрата живот дребен, нему требен, сиот живот ќе го даде, да узнае сал за кратко да е брату олеснило. I СТАРИЦА: Послушај ме сега ќерко: лек ќе има... III СТАРИЦИ: Ој, таго и пораго ој, не е лекот лек што лечи, лекот влечи болест нова, што е болест невидена, не смерена, не дознајна. Она има до три панџи: Прва панџа болот сестрин, клокот страшен, од гревот локот ќе отклучи да занеси три јунаци, три пилци соколови што ќе првнат на три страни, што ќе летнат неразбрани. Втора панџа од Дојчина подвиг смртен, смрт братова. Трета панџа на ѓавола понадата од Зерзевула утеха... I СТАРИЦА: Чуј ме ќерко, та почуј ме, не слушај ги трите врани, они мамат да измамат тебе млада. Лекот не е така страшен, ни ужасен не е толку оти друг и нема. Само тој ќе може твојто брате да го спаси и Солуна да го скраси во мир вечен. Зар не гледаш, мое чедо, како дими наоколу, до небеса чад се крева. Тоа горат од чумата куќи зафатени, од панукла трупој разјадени. Зар не слушаш Ангелино како ридаат доилките, коси корнат за да скорнат мртви чеда од отрова отруени што го цедат они сами од градите... Во неповрат сето тргна и ќе стаса ако не повјасаш со брата ти ти да спиеш, зглавје да поделиш, љубовна постела... АНГЕЛИНА: Што зборуваш црна жено, црна гламно догорена? I СТАРИЦА: Ете тоа Ангелино, тоа бара проклетството. Брат ти згрешил што ми строшил вити двери на црквата „Света Недела“, та на сила внатре влегол да побара, во каштелата стара, она што таму го нема: Од Перуна трозабецот и штитот златен... Од страст машка зафатен тој ја бакнал пазителката на храмот, светицата Недела. За таквите недела тешка клетва го стигнала: Болест да боледува сé додека сестра не си земе како маж што зема жена, жена љуба нељубена, жена снена сонувана. Дури после, по тој настан, Дојчин ќе стане и низ подвиг, каков веков не познава, ќе го брани и одбрани своето племе... АНГЕЛИНА: Лажеш ти старице клета... ЕЗАКИЈ: Лагата, мелем често, што ми знае, понапати, да зацели болно место, толку крута да биде не ќе може. Вистината, само таа Ангелино лепа, по природа слепа, не пребира кого одбира во спој страшен да го втурни за да урни проклетството сé што светот до пред тоа во душата одгледувал: нежност, чедност, доблест жива, гордост дива и добрина... Пред векови долги велат, на градов во близина, во друг град некој, слична згода се згодила: на сина сѝ мајката две ќерки му родила... АНГЕЛИНА: Значи јас сум таа избраната меѓу сите сестри, меѓу сите жени, вековите долги да ги спои и усклади во грев бескраен, грев што трае над времето. Еднаш мајка со сина си, сега сестра со брата си... Не, нé чекајте крик да крикнам толку гласно јас да викнам за да чујам небесата, та над мене боговите, жолти дамки по свеста слаба нафатени, да се смилостиват. Не, нé чекајте да заридам, тажаленка, тажна песна, да заредам, пепел влажна да се посипувам и да колнам што ме клетва грозна достасала: Девственоста, жална казна, потсмев, кикот, меѓу бедра што се таи, со брат ми, мојта рана, да ја урнам, нему да ја дадам за да го турнам во приземје... Зар не гледа никој од вас да си брате дамна сестра има, сестра Ангелина, бестелесна, надсетилна оти брату од сестрата тело не му треба, оти сестра не е тело туку мисла чиста, она чувство над сводот, напнат скок во бесконечноста, што трепери како љубов беспримерна за брата си... Сега ќе си одам да си брате понудицом, водом ладном, јас понудам и гревот ваш, што миг макар помисливте да е можно брат и сестра постела да делат, со себе ќе го земам да го него јас прочистам во пазуви, низ штедрата наклоност кон вашата дребност во глибот... I СТАРИЦА: Има нешто несватливо: црв ли ќе е низ чистото што ми рие, бес ли ќе е, пес озабен, предивното што го кини, та не сака, ти чудесна жено, векот да ти мини низ убос на твојата слична... Со брат ти да спиеш ќе мораш. Веднаш. Сега. АНГЕЛИНА: (Стариците ја заобиколуваат) Пуштете ме да си одам, брате болно вода чека... I СТАРИЦА: Оди чедо кај Дојчина во ложница за да ги спасиш сакатите, неолните и болните, чумавите, лепрозните, мрсулави, гурелави, поттурнати, понижени и вошливи, истрижени та презрени, луди луѓе и злодеи, градов Солун и нас сите сосе него... АНГЕЛИНА: (Ги турка стариците) Пуштете ме да си одам! Круг пеколен отворете! Пуштете ме сé ве разбрав... (Стариците не ја пуштаат) Ој, Дојчине, моја рано, стани брате сестри требаш да си сестра ти избавиш од рацете на старици, страшни птици стрвинарки, острвени на сестра ти. Стани Дојчин посечи ги, не штеди ги, не жали ги... (Крикнува) Пуштете ме! (Стариците го отворат кругот. Ангелина бега. Од нејзиниот крик уште долго сите ќе останат занемени) ШЕСТА СЦЕНА Во престолната одаја на Солунското кралство. Јован Ангел, кралот Солунски, седи на престолот. Влегува, забрзано, I Стражар. I СТРАЖАР: Пред кралскине порти, величество, како цел Солун да се собрал. Се туркаат, се тепаат, вилиците си ги трошат, се кубат меѓу себе, еден другего дават, сешто прават, та и нож по некој потегнува, на соседот налегнува и го коли. Слушнете, василевсу, како врескаат парталавите, од чума келавите, од глад штрбавите, од лепра начнатите, оџвргалените, штукнатите... ЈОВАН АНГЕЛ: Што сакаат? I СТРАЖАР: Не знам кралу. Кога така толпа недобројна ќе се присобери, тешко може да се разбере кому што му треба. Едни, ваша милост, по лебец насушен, чкорлав, макар и исушен, корка само, се дојдени. На други, долг живот да ве следи, онака бледи може винце им е нужно да закрепнат. Третите, пак, без да трепнат и око продаваат, туѓо несомнено, сал за талент, но и за помалку го даваат ако се ценкате. Четвртите, ваша милост, по жени се запнати, дворски дами и вдовици, од вашите милосници, конкубини, наложници да обљубат нацелиле, како од умот да се разделиле насрчени. За петтите, ваша светлост, виделино наша, тешко ми е да ви кажам, копец душа закопчана, кобец в срце се загнездил, оти злите намериле од престолов да ве турнат, вашето величие да го урнат, и носот, на кралствово дика, да ви го пресечат та угул гол по калдрма да ве влечат додека не цркнете... додека душа не пуштите, сакав да речам. ЈОВАН АНГЕЛ: Зошто?! I СТРАЖАР: Ете тоа не го разбрав кралу, умот ми е мазна лубеница, а паметта празна воденица, па не можам да дофатам зошто толку ве имаат намразено, како да сте ѕвере од беснило заразено... велат за ништо не ве бидувало, неоти истишено пувало кое се упропастило, богатството солунско го издувало за три години откако сте на престолов. Та да не бил Дојчин за да брани, кој ќе пофтел на кралството ќе му се опчоганел, низ Солун ќе се поганел и ќе пљачкал колку сака... (Се слушаат удари по влезната врата) Некој чука кралу. ЈОВАН АНГЕЛ: Слушам. Зар и глув ме мислиш, поданику дрзок. Оди види кој е и пушти го ако ни е знаен... Туку чекај, прво ѕирни низ отворот таен и дојди да ми кажеш. (Стражарот излегува) I СТРАЖАР: (Се враќа) Неговата светост егзархот се надвор и Симеон Лакапин, логотетот, и уште еден склавин. Митре Поморјанче чинам го викаат... ЈОВАН АНГЕЛ: Та што дремиш, отвор им ти роду низок. Пријателот близок не смее да чека... I СТРАЖАР: Да им отворам, тука нема друго... Само што со нив има и монаси црни колку булук... ЈОВАН АНГЕЛ: Па што? I СТРАЖАР: Под оружје се, ваша мадрост. ЈОВАН АНГЕЛ: Кој е под оружје? I СТРАЖАР: Монасите, кралу. ЈОВАН АНГЕЛ: Та нека се, така и мора. Тие се на егзархот телесна стража... Отвори им веднаш. I СТРАЖАР: Да им отворам, зар умно ви се чини?... Добро, добро, отидов, туку што душа ми се кини од некое претчувство. (Излегува. По извесно време влегуваат Роман Мистик, Симеон Лакапин, Митре Поморјанче и неколку вооружени монаси) ЈОВАН АНГЕЛ: (Им оди во пресрет) Пријатели, браќа, о радост неизмерна, нескротива, без споредба, вашите достоинства што ги гледам овде, во домов скромен. Час е преломен за сите нас, па треба да се биде на собир за одбир точен да се направи на постапките. А со кого друг, ако не со вас Романе Мистик, учителу, и со вас Симеоне Лакапин, на храброста кротителу, ќе се дојде до тоа што треба да се прави кога кралството се дави во несреќи севозможни: Од Либијците до чумата, до гладот до побуната на плепсот презрен. На таа толпа од дрзост подземена да се дигне против кралот, против власта од грижи обземена за нивното добро... Туку нека, за тоа после, во спокојството, при гозба, со мед и вино што го бистри умот и друмот прав кон одлуката вистинска го покажува... Сега да ве гушнам срцево ме гони... (Од кон нив со раширени раце) Во прегратка браќа, само така ќе се рони заканата... РОМАН МИСТИК: За прегратки времето ти мина, не нé гушкаше дури силен беше туку сега, кога ти се скина арарот на власта, си приспомна на нас. Познато ти е Јоване Ангел наклоност и милост кон друго да покажуваш, тие тебе ти требаат, само што веќе нема кој да ти ги дари... (На монасите) Во името на крстот на кого синот беше распнат, во името на таткото и светата причест, а заради нашата возбудена совест, ви заповедам вам, божји чеда: Оковај те го тој срам, таа кралска беда! (Монасите пополека поаѓаат кон кралот) ЈОВАН АНГЕЛ: Кого?! Мене?! Ваша светост зарем против кралот?... (Се повлекува) Па ова е побуна!... Стража! (Втрчуваат двајцата стражари) Бранете ме! I СТРАЖАР: Од кого василевсу? ЈОВАН АНГЕЛ: Од црнава напаст, од овие со намера што се мене да ме апсат. Кренете ги копја за напад! (Го вади мечот) I СТРАЖАР: Арно тоа кралу, само што сме двајца и пораз, извесно, нé чека. Во случајов е јасно дека жртви залудни ќе сме. А зошто да се тратат така два животи млади, или некој да остане сакат... (На Роман Мистик) Ве молиме ваша светост, оваа мала дружба, под закрила да ја земете и во своја служба... ЈОВАН АНГЕЛ: О, предавство страшно, моја судбо крута... Помош! Помош!... Зарем нема никој да го штити кралот!... (Го фрла мечот) Очигледно нема... Кога е веќе така на вашето милосрдие му го препуштам мојов живот земен. Располагајте со него по сопствена совест и бидете милостиви ако тоа ви е особина. (Монасите го врзуваат) Малку беше времето што мина, но владеев најдобро што знаев... Сепак негде згрешив... РОМАН МИСТИК: Заземете го своето место Симеоне Лакапин, кралу. СИМЕОН ЛАКАПИН: Кој?! Јас?!... Зар прерано не е? РОМАН МИСТИК: Според Јустинијановиот кодекс од моиве раце ти ќе примиш круна. Јас сум тој со кралството, колку утре, што ќе те венча. Затоа ти велам на престолот седни и почни да владееш уште сега. СИМЕОН ЛАКАПИН: (Седнува на престолот) Неудобен е малку и како да глочка, како да ме стега... Но, чувството... Ох, зар крал сум, василевс, владетел над сите што се долу... Од татко измеќар и слуга, по сопствена заслуга, како Јосиф Египќанинот, до крал јас стигнав, над презирот, што ме следеше во чекор, се издигнав и сега јас презирам. Плашете се од оној кој во страв се дави кога стравот ќе почне да го слави и тој со него да владее. Треперете, колената во пепел, треска нека ве мори кога Симеон Лакапин, од мајка хетера, ќе го крене прстот, ќе прозбори... РОМАН МИСТИК: Но, замолчи и не вживувај се така лесно во она што никогаш нема да ти припадне. Твоево кралство, мошне брзо, во вазалство ќе падне, а ти со него и подолу од што беше... Поморјанче Митре тебе војската те слуша? МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Во најголем дел, да. Само уште две-три чети од Дојчиновата гарда се опираат да ме признаат за стратег. РОМАН МИСТИК: Тогаш напред, по својата слава: задуши го бунтот и скуси го за глава секого кој не ја ведни до земи... (Со тресок се отвора влезната врата. Влегува Жолта Евреина со десетина војници) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Како што и мислев: тука сте сите. Во глутница, пред пир крвав, пците се собираат. Штом на месо човечко ќе промириса, небаре во света миса, канибалите забите ги острат и тргаат, острвени, со родот свој да се гостат. Да го черечат онега кој до пред малку потпора им беше, ги штитеше од земните удари и учеше на сé што умеат. Со меч да се вешти, со стрела прецизно да стрелаат, та и грамотни да бидат, да знаат кого да го љубат, а кого ненавидат... Ти Митре, ти си тој на предавството бајракот што го крена, како превртлива жена од под едни машки бедра под руги што се мести, ако од тоа власт и слава, некаква, се вести... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Зар жена ме нарекуваш Евреину поган. (Го вади мечот) Тогаш брани се од мојот нож и оган што сето твое племе ќе го потамани... ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (Се потсмева. Го вади мечот) На предавството сечилото е тапо, оној што предавник ќе стане на крајот плаќа скапо... (Се мечуваат) Само не ти Митре, тебе евтино ќе те чини, оти сé што мораш да дадеш е една дребулија, својот живот, таа дрангулија никому непотребна и без никаква цена... МИТРЕ ПОМОРЈАНЧЕ: Умри усто лајава и смртта твоја нека биде најава на мојот триумф. (Напаѓа но промашува) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не помниш како Дојчин, мажот похрабар од Хектор, е помудар од Нестор, те учеше: со гнев, тој рев на лав беззаб, не се убива туку со вештина. Сега гледај како тоа го прави зналецот, пред да го преминеш превалецот, оти тоа ќе биде последната слика во твоето око матно што ќе ти се врежи за и во смртта да ти тежи предавството... (Го прободува. Митре безгласно паѓа мртов. На своите војници) На една грамада врзете ги сите. Меѓу нив нема разлика ниту по чин, ни достоинство, сé е тоа отпадок од овој свет, смрдлив смет кој човека го гони јадри солзи да пророни и да се замисли над своето лице на нивното подобно што е... РОМАН МИСТИК: (На монасите) Во бој за верата, мои чеда! Безбожните Склавини покосете ги, не штедете ги неверниците осилени. Но Евреинот жив оставете го за јас да му судам. Неговата Голгота пострашна ќе биде од Христовата, а смртта помачна од десет други. (Почнува борба помеѓу монасите и војниците) I СТРАЖАР: (Понастрана на II Стражар) Да бегаме, ти што велиш, овде крв ќе има и повеќе од вода во заливон кога е висока плима. Јас од крв се гадам ко што знаеш, мрак ми паѓа кога ќе ја видам... Кажи нешто, та што траеш... Или да чекаме понастрана за да видиме кој ќе надбојува, па на таа страна да ѝ се приклониме чесно... СИМЕОН ЛАКАПИН: (Додека трае борбата) Ние, Симеон Лакапин, кралот Солунски, заповедаме борбата да прекине веднаш... (Борбата трае) Дали глуви сте или непослушни, што ли? Можеби не знаете дека заповедта кралска е закон. (Оди меѓу монасите и војниците и ги одвраќа. Еден од нив го удира и тој паѓа) Кралот свој се дрзна да го удриш?! Неговата светлост на подон да ја турниш?!... Кога војник обичен крал ќе почне да тепа, тогаш се знае: улицата по која тргнало кралството е слепа и кон пропаст води... ЈОВАН АНГЕЛ: Заврзи ја муцката лигава будала. Сал за миг да власта се допре, но жезлото се потпре и штукна... СИМЕОН ЛАКАПИН: (Станува и оди кај Ангел. Го фаќа за гуша и почнува да го дави. Обајцата паѓаат на подот) Сега барем можам за сé да ти вратам, грозната понизност, во која обитував, со твојата смрт да си ја наплатам. Умри Јоване Ангел од рацете кои те двореа, нека те згазнат нозете, по твоите стапки што чекореа... (Во меѓувреме борбата завршува. Војниците ги врзуваат живите монаси. Роман Мистик проба да избега) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (На војниците) Фатете го! (Го фаќаат) Безразложно мислиш Романе Мистик дека за тебе бегството е можно. Својот казамат, тој вилает гробен, со себе го носиш. Ти заточен и здробен во него си, та каде и да пофтиш само до решетките ќе стигнеш преку твојата душа, скорпија отровна, препречени. (На војниците) Водете го во на неговата кула визбите, во двоен затвор, таму каде најсјајните, по ум и срце најретките ги тратеше. Во непровидна темница фрлете го за да не го навредува окото човечко. (Двајца војници го одведуваат Роман Мистик. Оди до Јован Ангел и Симеон Лакапин кои сеуште се дават на подот) А што со двава крала, за во арест не се, на зандани не свикнати брзо ќе ги снема. Во прогонство ни до пол пат не ќе издржат, а и нема да се задржат, ако негде стигнат, повторно да кројат сплетки. Овие ѕверки ретки ни за ропство не ги бива: делање секакво им е туѓо, но и вештина некаква, од корист што може да биде, не познаваат... I СТРАЖАР: Може ќе е добро кај уличните трупи да се проба. Таму да се дадат по ништожна цена за некоја сцена народот што ќе го весели. Не е малку два крала во исто време и на исто место да се видат, и уште ако косите си ги кубат и се дават, тоа голем успех ќе пожнее. Никој не ќе можи да се здржи, а да не ѝ се смее на кралската уметност. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Тоа е добро, така барем од некаква корист ќе биде кралска злоба. (На I и II стражар) Вие двајца земете ги и најдете дружина која ќе ги прими дали за пари или џабе, сеедно... Да одиме. (Сите излегуваат) СЕДМА СЦЕНА Во истиот простор како од Четвртата сцена, Болен Дојчин лежи на креветот. Влегува Ангелина со две стомни вода. ЛЕПА АНГЕЛИНА: (По пауза) Беше вода брате да сум ти донела, бистра вода како око у орлета, а студена колку таткова постела. Ти да пивнеш, моја рано, со слачот земен грло да разладиш, лута болка да примириш, да ја тивнеш. (Му дава вода. Потоа натопува крпа и му ја става на челото) БОЛЕН ДОЈЧИН: Не е вода сестре што смирува, ниту друго има светот да понуди, туку раката што милува, твојата рака на челово... (Ангелина нагло ја трга раката) Што се штрекна сестре, што пребледе, дали мојта болка те подзеде или реков нешто што е сестри мрско, недолично, та и дрско? ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ништо Дојчин брате, ништо. БОЛЕН ДОЈЧИН: Кажи сестре твоме брату, не прикривај, не таи му ако тајна има. Од сестрата и најтешко, без остаток, братот прима. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ти прости ми жити мене, може од умора сестра ти е бледуњава ил од она што го видов, дури пат патев, низ Солуна, градот мрачен и напатен. БОЛЕН ДОЈЧИН: Што е тоа толку грозно што ти видот населило па те тебе сестре, токму сега од брата ти одделило? ЛЕПА АНГЕЛИНА: Солун ни умира, в смртна болка се превива, пресвиснува, го снемува. На поморот слугинките: чума, лепра, па и гладот, низ градот, моја рано, заталкани. Од детуле голуждраво сé до старец, пред гробот свој што чека, ништо не е здраво и весело. Саде писок брате, сетилата што ги дроби, крик претсмртен од утроби распаднати, леплив и темен одозгора се густи. Во душите пусти на Солунчани пизма уште им остана, таа шизма незнајниот што ја праќа кога е гневен. БОЛЕН ДОЈЧИН: Немој сестре, ти пречиста, не допуштај несреќа туѓа да те допре. Ќе те онечисти ако само прстот врз рамото твое го потпре светската неола. Лепотата за градот не смее да сведочи. Склони го од пред очи, ил замижи, сето што нив ги навредува, кон тага, во плач ги наведува. По склад невиден устроена, само врховниот понапати што го слути, ти дивна и кревка си за на човека удовите крути. Мора да е бог тој што тебе ќе те помилува, ако убавината да му се даде се смилува... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Молчи Дојчине, моја рано најдлабока, молчи брате. БОЛЕН ДОЈЧИН: Остави ме да те мислам, ѕвезда сјајна во душата да ми блеска, ќе пресвиснам Ангелино, сестро, ако ме лишиш од небесната треска која ме подзема кога тебе те споменувам. Та и болеста, мојта грозна мора до умора, в час се клони, исчезнува, в пепел рони, ја снемува само да си тука... Запеј сестре гласом ѕвонким, јасним, чистим, кај другега што го нема, за да замри сета болештина, за да запри злото од гротлото. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ох, Дојчине, златно брате, певот скипна, грло бело ми зарипна та од него сал ридање излегува. Да пеам веќе не умеам туку грчам, јачам, глас си мачам да усклади нежна песна брата што ќе израдува. Тивка песна ко некогаш, дури татко жив ни беше, дури коси ми плетеше, а јас му пеев. Тогаш, брате, од закани севозможни тој не бранеше, пред наезди во злодоба велик ќе се испречеше... Сега сами сме, моја рано, а околу лоши луѓе, подли и клетници, на крвници советници. Над нас згора, Дојчин, сач усвитен проклетството што не жежи, грамадата што ќе тежи дури сме на веков и потоа до бескраја. Што има во нас брате, во градиве, каде срце, пиле препалено, во паника бие? Зар сме ние тие, избраните, накажани, на Солуна, на племето раните што ќе му ги лечи со свои предлабоки? БОЛЕН ДОЈЧИН: Молчи сестре, веќе ништо не прашувај. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Сé знам моја рано, мое брате незаспано. Ми кажаа кај чешмата, на татка паметникот, стариците, русалките остарени, вештиците. За болеста твоја од кај иде и за лекот нејзин, ако смртта може тоа да биде... Ох, Дојчине што нé снајде, кому млади му згрешивме... Дојди татко, ти воскресни, на скутови подземи нé, залулај нé, погали нé. Сега требаш ти меѓу нас за рачиња да нé држиш и солзите, реки непресушна, да ни ги бришеш... Дојди татко, твојте чеда те чекаат, те пекаат... БОЛЕН ДОЈЧИН: Бегај сестре ти од мене. Сега, веднаш! Остави ме сам да платам, да преплатам за лудоста што ја сторив. Нека во вечноста се расточам, исчемреам... Бегај Ангелино... Земи сé што треба, што е нужно и пат недоодим ти запати... Но пред тоа омажи се: Жолта Евреина, мојата кршна побратима, маж за пример ќе ти биде: ќе те двори, а не кори, ќе те теши да утеши, ќе те љуби непохотно... Дошто море, сестре, ќе видите, море да си препловите, дошто горе, сестре, ќе сретнете, гора да си преодите. Подалеку, најдалеку и зад тоа да се вие, сестре, упатите, ни со мисла, низ бунило промислена, да не можам да ве стигнам... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Молчи брату, не зборувај и не барај неможното. Зарем има далечина, зарем стои височина, врв небесен макар, што ми сестра од брата си разделило, што ја нејзе кон заборав нацелило да не памти да е брате болно, неутешно? Нема Дојчин место на земјава каде може тебе јас со себе да не те носам... БОЛЕН ДОЈЧИН: Бегај сестре, брат ти заповеда! СВЕТА НЕДЕЛА: (Се појавува) Нема бегство од проклетство. Оно во вас стои и чека, работата беспримерна да устрои: да се вие двајца, како никои други до пред тоа, доближите, да го светот дребен понижите што не знае толку чисто, сјајно и бескрајно, да љуби како маж што љуби жена-сестра. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ти која си? БОЛЕН ДОЈЧИН: Света Недела, светицата што ја бакнав, та од него, бакнеж топол, болест добив. СВЕТА НЕДЕЛА: Не сум веќе таа. Мојта светост ископнеа кога твојте голи раце ме допреа. Кога ти ме гушна, а јас допуштив и посакав, непослушна, смртен да ме помилува. Од незнајно, од скрити длабочини, ненадејно, жената во мене се проби, од копнеж кој дроби потфатена за миг само таков маж да има: блескав и единствен, похотлив, а не порочен... Сега од храмот, во кој обитував, сум протерана, од бога, пастирот севидим, накажана, да лебдам во вечноста наоколу. Како Сибила крај Кумус што висеше во етерот, што се лулаше на ветерот и не можеше да умре, така и јас стан и пристан да немам, бессмртна, во смрт низ вечноста што трае, која сал за злото знае и го вести. Ете тоа ми е одредено, од семоќниот наредено, меѓу луѓето само за страшното да се гласам, сегде јас да стасам каде злото се спрема. Да нема плач човечки, солза една, која мене гледна не ќе ме дожежи. На светот бремето, низ времето чиј крај е бескрај, мене да ми тежи... Та велам, од што сé знам за тоа, од проклетство нема бегство... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ти оди си неканета жено! СВЕТА НЕДЕЛА: Дали сега, во мигов најдобар за тоа, или после, по години предолги, откако трева, пелин и лутиче, од коските на брата ти ќе никне, проклетството секако ќе бликне и ќе се оттиши во вас... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Заминувај, реков. СВЕТА НЕДЕЛА: На брата ти сожали се Ангелино, посестримо, сестро. На ова тело овде во гној што се валка, на душата негова низ небесните казамати што талка и во оган гори. Сé што треба стори да го спасиш од болката неиздржива. Јас знам: во тебе доволно величие има за да ја престориш милоста кон брат во љубов за маж кој брат ти ѝ беше... БОЛЕН ДОЈЧИН: Не слушај ја сестре, светицата бивша полудена, таа привид студена за неземно безумие говори. Светот е груб, грд и злочест, но има доблест да застани пред од боговите демонската намисла, оти знае, поинаку, сé во бесмисла и ништожност ќе втони. Во тие страшни зони каде само гревот ликува, каде безнадежноста го обликува своето царство... Оди Ангелино и не врти се веќе, твојата чедност не може и неќе овде да остани, во оваа одаја на срамот... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Што и да е овде, јас тука припаѓам. БОЛЕН ДОЈЧИН: За чистото, девственото и убавото сегде има место; во секое срце што го бара, крај сечие огниште, под сечија стреа, само не овде каде грозен кикот, смртна смеа од нечестивиот се слуша. Твојата душа Ангелино мора да се чува, како за жедниот последната голтка, сон кој само еднаш се сонува. Оди сестре и спаси го за светот тоа што до очај му треба: надежта. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Остави го светот, моја рано, тој сам ќе го најде зборот празен, дамна поразен во надежта ќе умее да се приплати, туку не и да сфати дека надеж нема сред сопствена злоба... Веќе решив сé да сторам проклетството од нас што бара... Поттргни се брате до тебе да легнам, да те гушнам, помилувам, на градиве стегнам.. Направи ѝ на сестра си место до твоето тело болно, до самиот себе, па без принуда, доброволно ти земи ја... БОЛЕН ДОЈЧИН: Ангелино, што беседиш сестро! ЛЕПА АНГЕЛИНА: Не знам Дојчин брату, не знам моја рано, зборовите сами идат, низ грлово свити стркалани. Некој друг ги мисли, обликува, а јас говорам... Секој од нив парче душа откинува, рана в срце развртува... Зборовите брату, сé е во нив, нема бездна подлабока од во беседата длабината, нема шир морска поширока од во словото ширината, нема темна ѕвезда повисоко од во зборот темнината... Поттргни се брату, за сестра си прави место во постелата железна... БОЛЕН ДОЈЧИН: Перуне, громовнику, кралу ноќен, богу моќен, огласи се, појави се, слези долу, на сестра ми помогни ѝ... Мене ништо не ми треба, ни за смрт нема да те молам, сам болот светски ќе го болам дури ти поинаку не одредиш... Спасувај го ова лице чисто, последниот блескав што го зрачи. Не допуштај во бунило да се мачи мојта сестра Лепа Ангелина... Заштити ја со силата што ја имаш и не давај во лудило да се всели, од складот во себе оддели, оти ништо не сте вие боговите ако меѓу луѓето на вас слични нема. СВЕТА НЕДЕЛА: Јас да одам. Непотребна сум овде, како се чини, штом еднаш збор за делото преку усните ќе мине, кога и да е тоа изделано ќе биде... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Ти битие без име и облик, сал лик морничав што поседува, остани и гледај како низ крик нечуен, сестрата над братот се наведнува и го љуби. Радувај се што свидетел ќе бидеш на таа ретка глетка: две суштества, две божји замисли од гревот негибнати, над земните пустелии подигнати, како тонат во бездната на срамот. Како храмот свет - својата душа во себе што го носат, го рушат до погром конечен. Но не чекај да видиш плач, страдање, лом умствен, низ лудило бладање, туку нежност очите што ќе ти ги засени и твојата спознаја за смртта ќе ја мени во љубовна спознаја. Овде, на оваа железна ложница, небото ќе падне и сите по милост што се гладни ќе се заситат... Та гледај го, реков она што веков од другите ќе го одвои, како време што ги спои гревот најголем со љубовта најчиста.. (Почнува пополека да се соблекува) Ти доаѓам брате гола, топла, недопрена. Нека вивне небеската копрена кога ќе ме гушниш. Отвори ги Дојчин на болеста дверите, таму да се вселам, да го населам брату за мене одреденото по проклетство ветеното: машкиот твој копнеж... БОЛЕН ДОЈЧИН: Не Ангелино, не приоѓај сестре! ЛЕПА АНГЕЛИНА: Зар може да застанам сега: два брега еден кон друг тргнати, две ѕвезди во пад кон својот склад конечност што се вика. Не, Дојчине, брату, мажу, не! Та да дојде и тој што проклетството врз нас го фрли, боговите врли да се симнат не ќе ме запрат веќе, оти јас сум таа помислата на пеколот од гревот што ја гибна и во неа шлибна желбата незадржива... (Пополека оди кон Дојчиновата постела) БОЛЕН ДОЈЧИН: Не, Ангелино, не сестро, жено! ОСМА СЦЕНА На тврдините од Солун. Во придружба на неколку заповедници влегува Жолта Евреина. Сите се под полна воена опрема. Се слушаат звуци на жестока битка. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не допуштајте во вас сомнеж да се всели, не сред битка, тоа копиле на свеста храброста ја дели со кукавичлукот. Јас знам: малубројни сме и многу од нас болни, уште и гладот во пресрет ни вјаса, сеништето што каса таму каде најмногу боли. А и Дојчин не е тука да нé води по насока исправна, оти тој на победата ѝ годи како смртта на воинот во борба славна достигната. Но ние имаме предност значителна: не знаеме за пораз, тој спас на нашите противници... I ЗАПОВЕДНИК: Несомнено е така стратегу, поразот, плодот еденски, не сме го загризале, недобројни триумфи и само тоа, на копјата сме нанижале, туку сега разликите се огромни: Либијците за сто пати побројни од нас. Само божествената миракула може да не куртули од стисокот на непцата адски... I СТРАЖАР (Втрчува) Долниот исар е пробиен стратегу. Сé до еден од бранителите е убиен и сега на горните атакуваат. Во незадржлив налет врескаат, колат, со заби кинат, од скалилата не слегуваат ако не се мртви... Та она не се војници туку глутница здивена, запенета, скрвена пред стрвина... Ако брзо нешто не сториме во градот ќе слезат, во утроба ќе му влезат за да се гостат. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (На I Заповедник) Вие со резервите заповедате? I ЗАПОВЕДНИК: Да. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Поведете ги таму каде пробој се очекува. I ЗАПОВЕДНИК: Зар мртов може да се лекува, стратегу? ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Солун не е мртов, ниту пак ќе умре дури ние живи го носиме в срце... Одете воину во битка пресудна и победата, награда скудна за вашиот подвиг, донесете ја. I ЗАПОВЕДНИК: На заповед стратегу! (Излегува) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (На I Стражар) Оди и ти на тврдините, назад, но во борба не влегувај, само гледај, број, забележувај и доаѓај често да ми кажеш што се случува: Кој победа сполучува, а за кого поразот се одлучува... Таму каде јас не сум ти биди сите мои сетила. I СТРАЖАР: Кога од мене не се бара крволочност, машка сила, тогаш најмногу давам... Сé што барате ќе направам стратегу подобро и од оној со науки што се занимава... (Излегува) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (На другите од придружбата) Да одиме и ние кон портите градски, таму пците либиски најмногу ќе гризат. II ЗАПОВЕДНИК: Главните порти се безбедни стратегу, моите одреди ги бранат со олово стопено, врел катран, со камења, грчки оган, та ниеден Либиец поган не ќе помине низ нив дури последниот издив не го испуштат војниците. Кон Ќерка-порта, кон источните ѕидини, таму треба да се упатиме. Ако мојата проценка е точна конечниот удар од таа страна ќе не чека. Како сплинка мека на исток е тврдината. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Тогаш таму, кон Ќерка-порта. II ЗАПОВЕДНИК: Но мислам стратегу, сé нешто ми говори, дека сега нужни се преговори. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Преговори со Либијците!? II ЗАПОВЕДНИК: Неуспешни ќе бидат, јас знам, но нам време ни треба за да се престориме, колку сме изброиме и одбраната да ја устроиме според тоа. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не, за такво понижение јас немам овластување, никој не ми го дал, ниту да го примам можам понудено ако ми е. Да се влезе во преговори со Либијците кои, несомнено, мислат дека победата во крвавите прегратки веќе ги стиска, е како од џелатот да се бара живот вечен. Тој што на губилиште ги моли копјата фрлени летот да го запрат, секоја од солзите што ќе му капнат низ повикот залуден и во станот студен до бескрај ќе го понижуваат... Не, нема преговори со на омразата поклониците, со на Плуто војниците кои и мртвите, од бес нескротив, повторно ги колат. I СТРАЖАР (Втрчува) Доаѓа Дојчин! ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Стратегот Дојчин, нашиот брат?! I СТРАЖАР: Тој стратегу. Од Солунските Ливади, од својот дом, сé довде сам се пробил, крила добил, или што ли, та успеал со меч еден и десницата нескротива низ ордата дива, како арслан низ небрането стадо радо што се шета, да помине. Невидена паника, тоа семе кое кога ќе 'рти триумфот кон погром го врти, меѓу нив посеал. А жнеел глави со горните рилки до челбина, а долните до папчина, стркалани под исарон долу небаре црн какол на гумно... ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Ако надежта не ти ја поматила свеста, ако сонот што го сониш, та и ти и ние, во јаве лажно не се престорил, ако стравот од смртта извесна не те уморил за сенишни прикази пред тебе да се сноват, ако твоите очи вистината ја ловат и за неа сведочат, тогаш... О, тогаш... мора боговите од Олимп и Урал, да се помириле, гневот меѓусебен да го смириле пред поводот: болеста Дојчинова. Оти само така, кога сите сили бескрајот што го потресуваат и кротат во една ќе се сплотат, може да се случи чудо подобно на она кое ти го опиша... Но, не божјиот раскол и човечката несреќа, две собитија различни, а поттик еден, нема подвиг што ќе ги оконча... Дојчин е болен, а надежта наша дека од хоробата страшна ќе се избави, смртна е болест... БОЛЕН ДОЈЧИН: (Влегува завиткан во бело платно и со крвав меч во десната рака) Жолта Евреина, моја кршна побратима, повикај ги челниците. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (Тргнува да го гушни) Дојчине, брате... БОЛЕН ДОЈЧИН: Заповедта спроведи ја! Нека дојдат овде по нов распоред. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: (Застанува на I Стражар и II Заповедник) Одете! (Излегуваат) Кому свеќа да му палам, жртва да принесам, до снеможување да го фалам, да копнеам да се вознесам до кого? Дали створ земен или некој од небесата тебе те излечи брате, та и нас сите во процепот темен веќе стапнати? БОЛЕН ДОЈЧИН: Излечен?! На таков ти личам? ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Зар мечот крвав, в десницата што го топиш, не е доказ за твоето здравје? БОЛЕН ДОЈЧИН: Не, на немоќта тој е слуга, на болеста друга преку првата што настапи. Здравјето е облик лажен кого таа го зеде за да ме воведе во искушение, во помисла дека има смисла да се коли, другого да го боли она што мене ме разорува: болеста. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Колебливост, непозната, ина, низ беседите како да ти мина. А преку челото неслутена тага, таа сила што сечија снага, и твојата дури, во пепел ја рони. БОЛЕН ДОЈЧИН: Не страхувај Жолта Евреина, моја кршна побратима, пред да ме стигне она што мора, мора вам непозната, Солун ќе го спасам. Не зарад мојата волја, иако и таа кон тоа се стреми, туку зарад проклетството кое чека трупот распаднат да ми го земи. Со смрт да ме оддели од смртта во градиве гнојни предолго што ја носам... Не ведни го погледот брату, ти во мене гледај, не давај се, не дај, сомнеж да те наваса дека со мене може поразот победата да ја навјаса. Та тие се едно, за оној што мадро да толкува знае, па така е сеедно која од нив под Солунскава крепост ќе блесне, мрачно ќе засјае... ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: (Влегува) Дојчине, стратегу!.. Значи вистина е тоа што низ Солун се слуша: Си оздравел... БОЛЕН ДОЈЧИН: За моето здравје беседата сконча. Кажи ти што ни носиш Плетикоса Павле... О, алчност човечка, ненаситна, слепа, зар ми треба уште од тебе што те гледам жив и крепок. ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Драчанинот Дука со сета своја војска со мене е дојден. Веќе почна и да дела, да ги ништи Либијците. БОЛЕН ДОЈЧИН: Да дојде се согласи радо или ти требаше долго да го приволиш, молиш?... ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Уште кога стапив во неговото дворје мраморно по лицето мое морно, грижовно, сфати што му е да чини. Не допушти ни ден да помине за да тргнеме. А стигнавме Дојчине, брату врли, побрзо и од камен кога ќе се фрли до дното. БОЛЕН ДОЈЧИН: Ете го качеството по кое ќе жалам кога од светов видлив да се одделам ќе морам: верноста. Таа добродетел на пробраните само принадлежна. На оние мажи кои зарад грижата нежна, кон другарот, братот, својот живот за најдребна жртва го сметаат, а смртта пак за награда на милосрдието... I СТРАЖАР: (Втрчува заедно со I, II и III Заповедник) Бегаат Либијците во паника, препалени, раштркани под Солуна! ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Вратете се назад кон својата војска и гонете ги. Таа поган во оган вивнете ја. Да појдеме и ние Плетикоса Павле, да сме први... (Сите тргнуваат) БОЛЕН ДОЈЧИН: Застанете!... Стражару дали побратимот Дука Либијците ги брка? I СТРАЖАР: Да, стратегу. БОЛЕН ДОЈЧИН: Појди веднаш и кажи му да запре, да ги смири војниците, оружјето измие... (I Стражар излегува) А и вие кон своите одреди назад, задржете ги, убивање е доста. ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Стратегу зарем приликата ретка да ја испуштиме. При здрава памет да допуштиме Либијците да се спасат. Сега ни е можност, каква никој што ја немал, а и должност соодветна пред иднината, тој плевел, на пеколот горчината, да го искорнеме. Да ги нема веќе, за секогаш низ времето, црните крволоци, сенишните волци што касапат по југов. БОЛЕН ДОЈЧИН: Жолта Евреина, моја кршна побратима, не те препознавам небаре грда маска лицето ти се искриви, а од очите посивени, сиви, само за омраза, тебе непримерна, узнавам. Ти воин си брату, не злодеј, ни одмаздник бесен, та не смееш, со мечот ти лесен, од грб да колиш. Ругло за приказ врз нашата војска ќе стежни ако бегството, на поразениот спас, во крвава оргија го претвориле... (На I, II, III Заповедник) Одете, заповедта исполнете ја... (Излегуваат) ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Сé што словиш Дојчине без замерка е сето. Но, ние на светот му должиме одмазда. Повикани сме сé до еден и последен да ги сосечиме Либијците... БОЛЕН ДОЈЧИН: Не ние нему, светот нам, на Склавините, ни борчи. Со ништо не нé заслади, помилува, сé што ни даде отровно е, горчи: Откога големите степи, под принуда глад што се вика, ги напуштивме и како слепи лунѕајќи стигнавме довде, од тогаш натрапници сме, суштества долни. Светот сал не колни кога и најдоброто му го смериме, кога кон небото целиме... (Паѓа на колена) ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: (Притрчува кон него. Го крева) Дојчине што ти стана брате?! БОЛЕН ДОЈЧИН: Доаѓа Плетикоса Павле, веќе е тука, на моето рамо и нејзината шепа низ зглобови рие, по свеста му клука, со коските мувлосани штрака... ПЛЕТИКОСА ПАВЛЕ: Кој доаѓа Дојчине? Кажи ти татко на моето срце? ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Смртта. БОЛЕН ДОЈЧИН: И со неа за мене на она што го сторив заборавот вечен... Да, јас излечен ќе бидам оти во молкот исчекорив на часот кога сестра си ја допрев, похотата ја потпрев врз нејзината чедност. Кога луд од намера луда Солун да го спасам, кон смртта заповедлива да повјасам, со нежност, недопустива брату, сестра си обљубив. Ете тогаш сé што имав сразив, сé што бев јас убив. На лицето свое, за чистото мерка, со гноен табан му згазив и го поразив Дојчина Солунчанина до непостоење... ЖОЛТА ЕВРЕИНА: Не, брату велик, твојот подвиг врз сонцето е сенка, низ ноќта светлината, линијата тенка што го обработува светот... БОЛЕН ДОЈЧИН: Удирајте молњи, на небото гневот, отвори се море, сите диви сили во градиве внатре, нека се затре гревот што го сторив... Молчи Жолта Евреина ти лаги не беседи, та ништо за спомен по добро не ќе се заштеди од оваа сподоба по миг сал што ќе умре... Плетикоса Павле заповедта последна чуј ја: На мојот гроб да нема знамење што ќе го посочува, ништо нека не се сочува од големата измама: мојот живот... (Умира) ДЕВЕТТА СЦЕНА Во истиот простор како од Првата сцена: во црквата „Света Недела“. Влегува Лепа Ангелина. Косата и е расплетена, облеката неуредна... Оди лево, десно. Застанува. СВЕТА НЕДЕЛА: Зар пристан овде ти ќе најдеш, пред наездите засолниште, стан последен за тебе прогонета. Ова склониште за болните, зарем ќе те прими, присвои и пази од своите, од тие блиски што ти беа, од окото не дални, од нивната адска смеа, зборовите кални по тебе нафатени. Не, Ангелино, жено, мајко, сестро, не. Оваа урна мраморна боговите мртви пепелта што ја чува, ова свето место од позлата лажна, криптава влажна, гроб не ќе ти биде. Робот твој во тебе е вдлабен, та како челуст од ѕвер гладен кревко месо, чека да се вселиш. Да ја населиш мешунката - матка, утробата глатка каде брат ти, мажот твој Болена Дојчина, за страшна изгор мајчина, пород зачна и ја начна божјата суета. Затоа неговата освета морничава ќе биде, оти тој, севишниот, не виде дека од гревот небесен три сина ќе се родат, три чеда без споредба што ни врховната мечта не може да ги замисли... ЛЕПА АНГЕЛИНА: О, сенишна жено, бела копрено празнина што оградува, тоа што го словиш мене ме радува. Јас горда мајка сум на трите сина, мојта дика, од брата ми утроена слика. Дојчин сестрината рана, тој не умре, или од мртвите стана кога синовите му ги родив и замина во нив на три страни, три далнини не доодени, да го учи светот на доброто, на убоста, да го пази од долното, од грубоста... СВЕТА НЕДЕЛА: Ти пократка ќе бидеш од сенката пладневна, а посјајна од светлината дневна, крупен бисер кој тивко тони во небесните огледала, ѕвезден полен што се рони над божјите смртни дела, над ништожните луѓе. Оти од часот кога внуци роди, знаеш што тебе ти следи: смрт... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Од неа не се плашам. СВЕТА НЕДЕЛА: И бескрајно паметење на гревот, од презирот ревот кога ќе те спомнат. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Дал може да се презре огромната жртва што ја сторив? Не, ти не бој се, мене мртва ќе ме слават. Ќе узнаат тие кои сега ме гонат дека јас сум таа што го спаси родот и градот Солун... СВЕТА НЕДЕЛА: О, суштество дивно, негибната чедност, ти наивно мислиш: За луѓето нема вредност тоа што го спаси, родот твој дамна се гнаси од постапката. Та тоа е секогаш така меѓу дребните, меѓу оние ништи што се духом, за спомен невредните: со сета душа саката, да ја мразат раката, која од дното ги крена. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Зарад избавата нивна со брата ми станав жена, а брате од светов исчезна со триумфот на Солун, зар тоа може да се мрази? СВЕТА НЕДЕЛА: Веќе ти реков: тој што долу лази нема да појми дека гревот не е тоа ако целта е света... I СТАРИЦА: (Влегува. По неа влегуваат III Старици, Света Недела исчезнува) Тука си ти жено проклета. Дојде и овде со својата гнаса храмов да го блатиш. Та исчезни еднаш, кон брата ти појди, смртта праведна нека те стаса. Мораш веднаш, сама ти да сфатиш, дека меѓу нас од гревот што сме скраја, тебе ти нема место. А и нигде до каде на човека лицето чесно може да се види. ЛЕПА АНГЕЛИНА: Солзи немам за плачење, кладенците очни пресушени, грло немам за тажење, грло река понорница, за да може големата морница со поројот солен да помине, низ офкање да ја снема, со лелекот пусти да исчезне. Јас сум нема и слепа сум веќе, но во душата, внатре, пред да ме затре бесот ваш, ви простувам. I СТАРИЦА: О, дрзост нечуена да проштева оној за кого проштение нема. Право да си зема проклетиот, до дното на гревот втонатиот, во срам бескраен паднатиот, на другото да го дели она кое, додека е веков нема да му следи... Та молкни ти еднаш... ЛЕПА АНГЕЛИНА: Тоа веќе чинам, но сепак не можам да ја минам границата на спасот од гневот ваш пред да ви кажам. Пред да го чуете гласот стаен на мртвата мајка: Потеклото мое и мојот род вам ви е знаен. Тука нема што да се слови, за словото, зборот чист, да не го улови примката на вашиот слух, злочестиот дух што ве опседнува, и да го преобрати од ангелска слава во поруга. Ете затоа за себе ќе говорам само и за вас жени, вие овде и сите други додека ве има во времето, додека семето машко го расплодувате, а болката породилна како божји дар ја примате и толкувате... По проклетство без смисла, несфатливо за умот човечки, прашинка наспроти божествената намисла, со брата ми болен железна постела поделив. Тој потоа стана, го избави Солун, и на ѕидините негови умре или се вознесе во висините недофатни. А јас, о непоимно чудо, по три месеци тригодишни внуци му родив. На година дена, мајкините, ги достигнаа од мадроста длабините и појмија дека за велико дело се избрани. По три години, на три страни, тргнаа да го остварат. Јас останав да траам сета во болка престорена, сред пустина кревка билка подгорена, и да чекам тие да се вратат у мајке во прегратки, на скутови, три божји цутови што ја вестат пролетта... III СТАРИЦИ: Ој, таго и пораго, ој. Што е светот, што се стори, каде стаса, во што се престори: осојница, студ подземен, наум темен, за гревот повојница. Невестата стана сестра, а сестрата од брата си жена, жена копилешка. Не е мајка што е мајка, тук ми мајка внуци изродила, со Зерзевула нагодила да и чеда бидат што не било: Да си става имат витине тополи, да си снага имат од татка до три пати, кај ќе згазнат земја да доболи, кај ќе пофтат страв пеколен да зафати. Да си лице имат од убост искривено, убост туѓа за луѓето, да си срце имат од геројство нагрдено, срце кога бие далги морски покренува... Да ми појдат тие надолж светот, да го него преобратат, од заборав вистината да ја вратат дека нема бегство од проклетство што се дамна густи во нас сите, луѓе пусти на лагата предадени, од тагата , сал привид што сме, забрадени... Ој, таго и пораго, ој. Трите сина овде сама, прокажана, мајка оставија. Ножот веќе скити во канија и чека сечилото сјајно да се смири трајно во на мајка пазувите... I СТАРИЦА: Дејствувате, не чекајте. Нема што веќе да се каже. Низ говорот, о старици клети, не доаѓа изговорот за чинот нам одреден. (Од пазуви вади нож) ЕЗАКИЈ: (Влегува) Крвта не е пролеана, но на неа сé мириса како сред зимо на кокиче нецутено, како сред лете на јаболко недозрело. Не е ножот справа соодветна што ќе ве спаси, ниту има таква, со смртта на тој што го носи убавото не се гаси, милозвукот не замира, лепотата не умира. По раѓање, тие веднаш, во сверите се впишани, низ бескрајот размножени, за да продираат и ловат блесок каде ќе се вселат. Залудно Ангелина вие жени, од завист пред она што не сте трудни, ќе ја усмртите. Додека ве има, кај и да се завртите, нејзиниот лик ќе ве заслепува, гласот потсетува на страшната спознаја дека сте грди и немушти. I СТАРИЦА: (Оди на кај него со ножот в раце) Време ти е, пророку со виделината, незнајна тебе, да се простиш. Да го нагостиш мракот вечен со мракот во себе. ЕЗАКИЈ: Железото што в раце ти пишти не го гледам, но сјајот негов, мојот вид, вам непознат, го засенува, го ништи. Уште една солза ми остана како рана врз тагата недогледна. Дал ќе можам јас со неа да го исплачам сето наше племе, низ предолгото време, меѓу себе што ќе се убива. Ќе се вратат на Ангелина трите сина, по крвта мајчина, за да ја одмаздат. И ќе колат бестрашните, великите, Склавините, сé што Склавин се именува. Нема да се запрат и кога, за тоа ќе ги молат боговите сами, ниту ќе папсаат јавачите на огнот, од погромот мајсторите, героите на смртта, внуците Дојчинови, нашите синови се додека на исток ќе се црвени крвта од Ангелина овде пролеана. Тоа така ќе биде и подолго одошто пророштвото може да претскаже, од што проклетството да накаже. (I Старица му го зарива ножот. Езакиј паѓа и умира) ЛЕПА АНГЕЛИНА: Вратете се ој, мајкини, на правдата, правината овде ѝ требате. Овде ви е нужно да ја неа поделите, да делате меѓу своите. Дела мрски и греорни, што се дела неминовни кога смрт се дели за онега вистината што беседи, по совест чиста зборовите, од смислата сечилата, ќе зареди... Јас не згрешив што за брата болна лек си најдов, слач небесен, ниту згрешив кога понесена, драговолна, вас ве родив и одгледав да бидете како во песните стари јунаците што не биле. Само згрешив што помислив дека може да се спаси Солун. Ѕидините останаа, тврдините негибнати, пожарите престанаа, чума страшна се повлече, градот блеска оддалеку. Туку внатре, ој мајкини, во луѓето, завист, подлост, злоба гола, зацарува. Кога слободата, немоќному да ја сноси, се дарува, тогаш таа од дар рајски, во усуд аски преминува и ја ломи свеста. I СТАРИЦА: Убиј те ја! (Вади од пазуви камен и ја удира Ангелина) Нека се смрска тоа лице мрско. (I и III Старици почнуваат да ја каменуваат) ЛЕПА АНГЕЛИНА: О, прости ми Дојчин брате, моја рано, што порано не ти дојдов, што те сестра тебе оставила таму горе да самуваш, од што рамен немаш. (Паѓа мртва) К Р А Ј